Имаме навистина голем проблем во општеството. Имаме многу девојки кои се на возраст од 33 до 38 години, кои не се во сериозна врска, и мене тоа ме плаши, зошто тој мајчински инстинкт не се појавува кај нив, и мислам дека 20 до 30 илјади жени нема да родат во Македонија, и тоа за мене е голем геноцид. Овие норми наметнати на моралот навистина пречат – изјави инфектологот д-р Вело Марковски во емисијата Бекстејџ.
Пред камерите, тој гостуваше заедно со неговата сопруга Евгенија, позната во јавноста како поранешен модел од студиото ,,Шанел” од Битола.
Раскажуваа за предрасудите со кои се соочиле, и се уште се соочуваат поради големата разлика во годините.
Според Марковски, имало доста норми во општеството наметнати од религии. Во врска со нив, како пар, имало и се уште има доста дофрлувања, вели.
-Без да се знае суштината, без да се знае што навистина се случува, секоја врска си е посебна, нема правило и не може да се планира. Мислам дека треба да се ослободиме од тие стеги-појаснуваше докторот.
Раскажа дека Евгенија ја запознал на факултет, каде што предавал. Таа била од најдобрите студенти и и предложил да биде асистент. По неколку месеци, спонтано, им се родила љубовта.
Парот има две деца. Д-р Марковски пак во минатото беше во брак со поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.
Вики Клинчарова