Со низа на настани вчера се одбележуваше Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Заложби за создавање на еднакво општество за сите, промени за остварување на правата на лицата со попреченост, обезбедување на нивна инклузивност и еднаквост, напори за нивен достоинствен живот, се ветувањата кои традиционално, посебно на Трети Декември се актуелни во медиумскиот етер.
Но дали навистина лицата со одредена попреченост во земјава се задоволни од грижата и остварувањата на општеството кон нив? Одговорот кој го даваат тие и нивните семејства, секогаш е категорично -Не.
Во Неготино, на пример, живеат околу 170 лица со попреченост, од кои дел мора да користат одредено помагало за движење. Дали и колку низ градот, но и до јавните институции е овозможен пристап со инвалидска количка или пак со друго помагало за движење, доволно е да направи кратка обиколка и да се дојде до заклучок дека овие лица буквално се затворени помеѓу четири ѕида, и единствено можат да излезат надвор од домот со придружба.
Дури и со придружба, за нив на секој чекор се актуелни препреките, од неадаптирани улици, до немање на рампи за пристапност, или поставеност на несоодветни рампи по кои движењето со количка е, грубо кажано – научна фантастика.
За овој проблем со кој се соочуваат лицата со попреченост,,Фокус” разговараше со градоначалникот, д-р Горан Стојанов, кој на самото спомнување на темата, изненади со искрениот одговор.
-Јас како човек, како лекар, како градоначалник, можам за жал да кажам дека се срамам од условите, односно немањето на речиси никакви услови за лицата кои користат помагала за движење во градот. Жално е што досега не се презело ништо по тој повод, што не се направил напор да им се олесни и така тешкото секојдневие. Ова не е тема која што треба да се спомнува само на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ова е нешто кое мора да биде приоритет на цело општество секој еден ден. Ветувам дека ќе дадам се од себе, во Неготино оваа состојба со непристапноста да биде минато! – тврди градоначалникот.
Појаснува дека на неговата официјална страница добил повеќе реакции од семејства кои имаат член кој користи инвалидска количка и кои бараат решение, но имало и реакции од мајки кои укажувале дека низ градот нема услови да се излезе надвор со бебе во количка.
-Ги читам реакциите на граѓаните, сите со право! Какво е едно општество, најдобро се гледа од начинот на кој ги третира ранливите групи на граѓани. Секоја критика е на место, нема простор за изговори или било какво негирање. На сите кои со право ми поставија прашања на темава, им гарантирам дека Неготино ќе биде град со исти можности за сите, со обезбедена пристапност која значително ќе ги олесни животите на овие лица и нивните семејства – вели д-р Стојанов.
Додава дека граѓански активист веќе имал готов проект на оваа тематика со кој трајно би се решил проблемот со пристапноста. Проектот му бил понуден на неговиот претходник Тони Делков, но не бил реализиран.
-Се работи за проект од порано, не знам од кои причини мојот претходник не се заинтересирал доволно за него и не се пристапило кон негова реализација. Им гарантирам на моите сограѓани дека ќе се пристапи кон финансиска реконструкција, дека темелно ќе се разгледа оваа опција, и ако е потребно ќе побараме финансиска помош и од странски амбасади, но во нашиот град овие проблеми ќе станат минато. Ќе се адаптираат улици, тротоари, рампи… Решавањето на оваа тематика е мој приоритет – изјави градоначалникот.
Раскажува дека е свесен за многуте недостатоци во општината и потенцира дека има комплетно разбирање за незадоволството на граѓаните во врска со многу актуелни состојби. Ги повикува сите поединци или пак здруженија кои имаат идеја или проект кој би бил од општо добро за народот и би го подобрил квалитетот на живеење во општината, да дојдат на средба со него, да го презентираат својот проект.
-Сите се добродојдени, кои имаат конкретни идеи и планови за подобрување на функционирањето на градот. Факт е дека ние сме мала општина со ограничен буџет, и секогаш мора да се знае што е приоритет. Има ситуации кога граѓани кои уредно си платиле комуналии по цели десет, па и петнаесет години чекаат водоводна мрежа, канализација, асфалт на нивната улица. Жално е денес, во 21-от век да се зборува за вакви теми, да се бара вода и канализација, асфалт… Тоа се основни работи кои мора да се средат во најскоро време, не можат да се остават на чекање. Кога имаме вакви проблематики, не може да се размислува за украсување или разубавување на градскиот плоштад, на пример, додека наши сограѓани се молат за вода. Првин решавање на основните и витални проблеми, а потоа за се останато – ни изјави градоначалникот.
Вики Клинчарова