Доктор Ристовски: Ги охрабрувам возрасните со кардиоваскуларни заболувања да се вакцинираат, а антикоагулантна терапија да не земаат на своја рака

by Fokus

Бројот на коронарните интервенции кај пациенти коишто прележале или се позитивни на Ковид- 19 е значително зголемен,  а тромбозата на артериите на срцето е една од најчестите компликации, вели во разговор за „Фокус“ др. Владимир Ристовски, специјалист интернист и субспецијалист кардиолог во градската болница „8 Септември“ во Скопје.

– Ги охрабрувам возрасните коишто живеат со кардиоваскуларни заболувања и дијабетес да се вакцинираат против Ковид-19 и да ја земат вакцината што ќе им биде понудена кога ќе им стане достапна. Сега знаеме дека вакцините спречуваат тешки болести. Ова е важно затоа што луѓето со срцеви заболувања и дијабетес кои ќе се инфицираат со Ковид-19 се изложени на поголем ризик од тешки и потенцијално смртоносни компликации на вирусот, вели Ристовски.

Затоа, според него, постои силен аргумент луѓето со овие болести да ги преземат сите безбедни чекори за да се заштитат од инфекција, вклучително и вакцинацијата, а другата важна придобивка е што покрај другите мерки, на овој начин сите имаме улога во запирање на ширењето на Ковид-19.

-Не можете да добиете Ковид-19 од вакцината, бидејќи се јавува по инфекција со жив вирус кој може да се размножи во вашето тело. Ниту една вакцина што се користи во светот не содржи жив коронавирус, вели докторот.

Тој појаснува дека пациентите со артерискахипертензија, кардиоваскуларна или цереброваскуларна болест и дијабетес имаат зголемена преваленца од потешка клиничка слика за Ковид- 19 за околу 17%, 15.5 %, и 9.7%, последователноод пациентите кој што ги немаат овие коморбидитети .

-Пациентите кои имаат потреба од третман во интензивна нега (ICU) имаат повисока веројатност за присуство на овие коморбидитети споредено со пациентите кои не побаруваат третман во ICU, заклучува Ристовски.

Како што појаснува Ристовски, голем број на кохортни студии реферираат поголема смртност за пациенти потврденина SARS Cov 2 за 10.5% кај лицата со КВБ, 7,5% кај лицата содијабетес, 6% кај лицата со хипертензија, сите, значително повисоки споредено со општата смртност од 2.3% .

-Пациентите кои се заболени од SARS Cov 2 вирусот имаат намалени вредности на циркулирачки Антитромбин 3, додека пак вредностите на Д- димерите и фибриногенот се значително повисоки компарирано со здрави индивидуи. Ова придонесе за се поголема употреба на антикоагулантата и антиаграгационата терапија, во некои случаи и без контрола на лекар и лаборатроиски анализи , пациентите ја земаат на своја рака како превентивна мерка и во услови на уредни вредности на Д – димерите и времиња на крварења што допринесе и зголемување на компликациите од нивната се поголема употреба ( ретроперитонаелни хематоми, крварења од гастроинтестинален тракт, мозочни крварења и слично ), појаснува доктор Ристовски.

Ристовски вели дека треба да се назначи дека не секој позитивен пациент има потреба од антикоагуланта терапија. Кај пациентите со лесна клиничка слика со нормално или незначително зголемени вредености на д-димери употреба од антиаграгационата терапија како што е аспиринот е сосема од доволно, за разлика од тоа кај пациентите со умерена или потешка клиничка симптоматологија со значително повисоки вредности на д-димерите секако од голема корист е примената на антикоагуланта терапија било со нискомолекуларен хепарин ( клексан, фраксипарин) или со новите орални антикоагуланти ( Ривароксабан, апиксабан и слично).

-Врз основа на ова употребата на антикоагуланта и антиаграгациона терапија треба да биде исклучиво дадена по препорака за лекар, а не на меѓусебна размена на информации помеѓу пациентите, вели тој.

С.Т.

 

Поврзани новости