Главна одлика на коронавирусот, тип на РНК- вирус, е тоa што многу брзо се адаптира, односно секоја наша бариера или пречка во неговата трансмисијата условува негова мутација, преадаптација и начин како да ја помине таа бариера. Во овој трет бран доминантен сој е очигледно е британскиот, којшто има побрза трансмисија во однос на претходниот за 50 %, значително пократок период на инкубација од 3-5 дена и според последните студии има зголемена смртност од 20-30%, затоа треба да има одредена доза на загриженост, вели во разговор за „Фокус“ др. Владимир Ристовски, специјалист интернист и субспецијалист кардиолог во градската болница „8 Септември“ во Скопје.
– Тоа се гледа и од секојдневните бројки кој што се во значителен пораст, и се поголем број на хоспитализирани пациенти во болниците со потешка клиничка слика. Затоа вакцинацијата ние е единствена можност да излеземе од оваа пандемија , а додека бесконечно ги чекаме вакцините комплетно да се придржуваме на мерките за здраствена заштита. Да им помогнеме и на лекарите, истиот персонал повеќе од една година се бори со болеста, истите лекари, истите медициснки сестри, истите болничари, со дежурства на секој 3 -4 дена повеќе од една година по ред, сите ургентни кардиоваскуларни процедури се покриени 24 часа, истиот тој медицински персонал секојдневно се бори да спаси што поголем број на човечки животи, безрезервно доведувајки го и своето здравје во опасност, појаснува Ристовски.
Тој вели дека болницата „8 спетември“ е најголем Ковид -центар во државата, иако се работи за медицнска установа од секундарен карактер, не е клиничка болница, сепак најтешките и најкомплексните пациенти со Ковид-19 се лекуваат таму. Покрај тоа медициснкиот персонал е веќе исцрпен, а повеќе од 70 проценти бил заболен од ковид.
-Дека имаме доволно медицински кадар, немаме, дека имаме повеќе сили, и тие се при крај, се надеваме дека вакцините конечно ќе пристигнат и конечно да можеме да се справиме со состојбата или пак ќе направиме колективен имунитет. Во нашиот тријажен центар кој што е најголем во државата покрај пациенти од Скопје и околината се лекуваат пациенти и од целата држава на кој што им е влошена општата состојба. Секојдневно се прегледуваат повеќе од 140 пациенти суспектни или позитивни на SarsCov 2 вирусот, дополнително се и пациентите од двете инфективни амбуланти каде што нивниот број е поголем од 120 прегледи. Во моментот имаме преку 130 лежечки пациенти со Ковид-19 од кои повеќе од 85% се на кислородна поддршка. Се бара место повеќе, притисокот се поголем, тврди Ристовски.
Тој појаснува дека покрај пациентите со Ковид-19, медицнскиот персонал дополнително е ангажиран и во амбулантски-поликлиничкиот дел за редовно закажаните пациенти без симптоми и знаци за вирусот.
-Големиот прилив на пациенти и ограничениот медицински персонал е причина да се чека временски повеќе за преглед, но секој пациенти бил комплетно прегледан и згрижен. Секако предност имаат пациентите кои имаат потешка клиничка слика, а исто така е и голем бројот на пациенти кои загрижени за своето здравје прават и превентивни прегледи , а со тоа се создава дополнителен притисок врз работата на медицинските лица , иако тие прегледи треба да се прават на други места. Сепак болницата е за лекување и згрижување на пациентите со потешка клиничка слика, дополнува Ристовски.
Покрај активните случаи во оваа болница секојденевно третираат и пациенти со компликации од Ковид-19, најчесто од пулмолошка или кардиоваскуларна природа.
-Пациентите со постковид-синдром, откако ќе го прележат вирусот, покрај треска, кашлица и губење на мирис и вкус, може да чувствуваат симптоми на постојан замор, срцебиење, потешкотии во дишењето, болки во мускулите и зглобовите, недостаток на памтење. Депресијата е секако голем проблем. Овие пациенти иако имаат долгорочни симптоми сепак не се сметаат за заразни. Најчести сериозни компликации кој што се јавуваат кај овие пациенти особено кај пациентите кој што поминале со посериозна клиничка слика на болеста се белодробната тромбемболија, белодробна фиброза, акутниот миокарден инфаркт, акутната тромбоза на екстремитетите, воспаление на срцевиот мускул. Секоја акутна, новонастаната состојба која што придонесува да пациентот не се чуствува добро веднаш да се јави на лекар, било матичен било во најблиската медицинска установа, вели Ристовски.
Тој порачува дека пациентите треба да продолжат со редовно користење на препишаната хронична терапија, соодветна физичка активност, соодветен избалансиран внес на храна и почитување на препораките кои се дадени од својот лекар се со цел пациентите повеќе да го заштитат своето здравје.
Соња Танеска