Доктор Беќаровски: За разбивање на сите митови околу Ковид-19 и вакцините, најдобар начин е организирање на јавни дебати

by Fokus

Секаков вид на позитивна кампања, со која на едноставен начин ќе се објаснат сите предности на вакцинацијата, но истовремено ќе се разјаснат и сите предрасуди и дилеми е неопходна. Всушност најголем дел од колегите токму тоа го правиме секојдневно, преку сите медиуми, вели за „Фокус“ доктор Нико Беќаровски од клиниката за токсикологија .

Најголемата дилема која ја има јавноста околу вакцините се случаите на појавување различни типови на згрутчување на крвта и голем дел од нив си го поставуваат прашањето дали се потребни испитувања за да се спречи оваа состојба, сепак според Беќаровски овие случаи се многу ретки во однос на корисноста од вакцинацијата.

– Не се потребни никакви претходни лабораториски иследувања пред вакцинацијата. Екстремно ретката појава на мозочна венска тромбоза (1:250.000-1.000.000) барем досега не е поврзана со ниту една претходна лабораториска малформација, појаснува тој.

Според него протоколите на лекување и следење на пациентите се повеќе од потребни за унифициран претхоспитален третман, кон кој би се придржувале сите матични лекари, со точно дефинирани дијагностички и терапевтски чекори.

-За разбивање на сите митови околу болеста и вакцините, можеби најдобар начин е организирање на јавни дебати на медиумите, на кои ќе бидат поканети претставници од двете страни со своите аргументи, појаснува доктор Беќаровски.

Беќаровски, во изминатите месеци на својот профил на социјалните мрежи дава низа корисни информации за граѓаните. Тој пред неколку месеци укажа како може да се избегне коагулација (згрутчување) на крвта, со додавање на некои намирници во исхраната, но исто така, напомена и што треба да се избегнува.

Последниве денови кутија со Amp.Clexane или Tabl. Xarelto станаа вистинско богатство и реткост. Стравот од згрутчувањето на крвта, како најопасна компликација од вирусов ги испразнија рафтовите во аптеките, но и болниците.

Да биде проблемот уште поголем слична е ситуацијата и во сите соседни држави. Затоа, ако нема со што да се лечи, мора на некој начин оваа појава да се спречи.

-Еве неколку природни прехрамбени производи кои имаат антикоагулантни својства и чиј зголемен внес во Вашата секојдневна исхрана, може да даде позитивен антикоагулантен ефект: куркума, ѓумбир, цимет, витамин Е, 150 мл црвено вино, лук, гинко билоба. Внес на 2 литри вода, правилно распределена во текот на денот, цитрусни овошја, непечени семки од сончоглед, туна.

Истовренено максимално узбегнувајте ги следниве прехрамбени производи, кои имаат прокоагулантно дејство: jајца, мајонез, пржено јагнешко и свинско месо, сувомеснати производи.

Сите мажи над 40 и жени над 45-50 години, ако немаат контраиндикации, или некое хематолошко заболување, би било препорачливо покрај правилната исхрана до крајот на пандемијата секојдневно да конзумираат 67,5-100 mg. ацетилсалицилна киселина“, советува докторот.

С.Т.

Поврзани новости