Доктор Беќаровски: Приватните болници треба да и платат на државата затоа што земаат едуцирани лекари за работа

by Fokus

Доктор Нико Беќаровски е доктор и поранешен директор на скопската Клиника за токсикологија. Тој во интервју за „Фокус“ објаснува за алармантните бројки на заразени и починати од Ковид 19, за непочитувањето на мерките, зошто е толку зголемена смртноста од опасниот вирус, како да се справиме со есенскиот бран, за одливот на лекари и медицински персонал…Беќаровски тврди дека голем дел од граѓаните не се јавуваат да се тестираат бидејќи се плашат дека веднаш ќе бидат ставени на респиратор.

Разговараше Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС Докторе веќе осми месец како коси корона вирусот во земјава. Од ден в ден, бројките на заразени достигнаа речиси 900 заболени. Кој е вашиот став за тоа?
БЕЌАРОВСКИ Моменталните бројки со новодијагностицирани со позитивен SarsCov-2 вирус се одраз на нашиот менталитет и неодговорност. Во првите денови од пандемијата имавме навистина одлични резултати како рефлексија на почетниот страв и стриктното придржување кон пропишаните мерки. За жал со тек на времето, еден дел од населението поверува во натписите кои тврдеа дека вирусот воопшто не постои, други веруваа дека е обична настинка, а трети иако ја знаеа опасноста, сепак не се придржуваа кон мерките за дистанца и носење заштитна опрема. Летото дополнително не релаксираше и за жал оваа есенска експлозија беше неминовна.

ФОКУС Уште поалармантни се бројките на починати пациенти, со што достигнавме и црн рекорд од 22 починати за само 24 час. Кои се според вас причините за алармантната смртност?
БЕЌАРОВСКИ Смртноста е висока, но од друга страна и очекувана, како резултат на општата здравствена состојба на нашето население, криењето на заболените и организационите проблеми. За жал, најголем дел од нашата средовечна популација како резултат на физичката неактивност, има покачена тензија, зголемена тежина, дијабет, кардиоваскуларни заболувања кои се покажаа како најризични коморбидитети кај оваа болест. Проблемите со нечистиот воздух дополнително ја влошуваат општата слика. Од друга страна, за жал голем дел од заболените се кријат, од страв да не бидат ставени во изолација. Не е мал и делот од населението кој е убеден дека, ако бидете хоспитализирани, немоновно ќе бидете ставени на респиратор. Третиот сегмент е моменталниот протокол за третман на заболените, каде по верификацијата на болеста, целата понатамошна комуникација е со on line комуникација, без директен контакт и преглед од лекар.

ФОКУС Што може корона вирусот да му предизвика на организмот?
БЕЌАРОВСКИ Секој ден се публикуваат нови трудови, во кои јасно се укажува дека се работи за болест која ги зафаќа скоро сите органи. Сепак најсериозни компликации се комплетното уништување на белите дробови, ненадејното згрутчување на крвта и таканаречената цитокинска бура, како резултат на несоодветниот одговор на имуниот систем на заболениот.

ФОКУС Дел од граѓаните се жалат дека воопшто не можат да стигнат да закажат тестирање, а кога ќе успеат здравствената состојба им се влошила. Зошто се случува тоа?
БЕЌАРОВСКИ Ова се случува поради енормниот притисок кој се создаде за тестирање во краток период. Реално постои технички и хуман лимит кој не може да биде надограден за кратко време. Од друга страна притисокот од јавноста, за што поголемо тестирање, често и без научномедицинска основа доведува до закрчување на системот.

ФОКУС Факт е дека дел од лекарите и медицинскиот персонал го напуштаат јавното здравство и одат на работа во приватните болници. Зошто?
БЕЌАРОВСКИ Одливот од јавното кон приватното здравство не е нов феномен и не е врзан со пандемијата. Секако дека мотивот е финансиски пред се. Лично сметам дека при секој ваков трансфер, приватната болница би требала да плати некој вид на обештетување на државата, за тоа што добива комплетно едуциран кадар во чија едукација државата вложила народни пари, нешто слично како во спортот кога за секоја промена на клубскиот дрес се плаќаат високи обештетувања

ФОКУС Сметате ли дека за вакво заразно заболување ние немаме инфектолози, анестезиолози и епидемиолози кои ќе работат со пациентите. Еден епидемиолог покрива и по 4 града. Како ќе постигне?
БЕЌАРОВСКИ Во однос на бројот на високостручен кадар за третман на пандемијата, ниту една држава во светот нема доволен број на медицински персонал, бидејќи ниту еден здравствен систем не е проектиран за ваков прилив на пациенти. Токму тоа е и основната причина за сите рестриктивни мерки и препораки.

ФОКУС Тоа што е уште потрагично е дека меѓу смртните случаи има млади од 20 до 40 години? На што се должи тоа?
БЕЌАРОВСКИ Секаде во светот па и кај нас, нормално е покрај постарата популација која е најзасегната да има загуба и на некој млад живот, посебно од здравствено вулнерабилните групи.

ФОКУС Со оглед на тоа што граѓаните не можат да стигнат да се тестираат, мораат да платат во приватните болници и лаборатории. Дали некој профитира на сметка на короната?
БЕЌАРОВСКИ Ние мора да сфатиме дека Македонија е сиромашна држава, со лимитирани средства. Нашето здравство има на располагање скоро 11 пати помалку средства од Словенија на пример, а ист број на жители. Капацитетот на јавните здравствени лаборатории е едноставно лимитиран.

ОВАА ЕСЕН МОЖНО Е ДА ИМАМЕ ПОМАЛКУ ПАЦИЕНТИ СО СЕЗОНСКИ ГРИП

ФОКУС Што очекувате да се случува во следниот период, кога ќе нападнат обичните настинки и сезонскиот грип?
БЕЌАРОВСКИСо придржување кон препораките за лична заштита покрај заштита од SarsCov-2 истовремено се штитиме и од сите останати респираторни вируси, така што можно е оваа есен и зима да имаме намален наплив на пациенти со сезонски грип.

ФОКУС Каква болест според вас е Ковид 19?
БЕЌАРОВСКИ Ковидот е атипична респираторна вироза, со крајно непредвидлив тек.

ФОКУС Сега се отворија и детските градинки. Дали е дојдено време за тоа?
БЕЌАРОВСКИ Лично сметам дека треба да се отворени

ФОКУС Треба ли учениците во овој период да одат на училиште или наставата треба да се одржува онлајн?
БЕЌАРОВСКИ Мојот став беше наставата да започне на 15 август со физичко присуство, а во овие два три месеци со енормнен раст, да се направи кратка пауза или да се премине на On Line настава.

ФОКУС Во последно време постојано се прават некакви вакцини, се испитуваат, се спремаат лекови. Дали некоја вакцина може толку брзо да биде готова и колку е сигурна и безбедна за граѓаните се вакцинираат со неа?
БЕЌАРОВСКИ За ова прашање за жал нема доволен број на податоци, но се надевам дека вакцинацијата ќе започне на почетокот од 2021.

ФОКУС Според вас, кои лекови се најсоодветни во борбата со Ковид 19?
БЕЌАРОВСКИ  Ковид-19 како и сите други вирусни болести се лечи симптоматски и кај секој заболен е неопходен индивидуален пристап, зависно од тежината на клиничката слика.

Поврзани новости