По два дена откако беше пуштен од тетовскиот затвор, доктор Адил Мустафа, сопственик на приватната болница „Шендети“ на прес – конференција обвини дека се работи за политички монтиран случај, бидејќи никој досега не го известил дека има за плаќање казна од 1.700 евра, туку тоа се случило само неколку часа по пресот каде тој обвини за измама, мито и корупција.
– Во понеделникот на прес-конференција обвинив за измама, мито, корупција, опструкција и после тоа кога патував за Тирана заедно со мојата ќерка, ме уапсија. Ќерка ми остана на граница, а мене ме однесоа во затвор како најголем криминалец. За моето апсење интервенираа меѓународните фактори, американската амбасада и народниот правобранител. Причина е некоја казна од 1.700 евра што ме казнила банката. Јас не ја добив таа казна и за тоа не сум ја платил. Јас не дојдов во Македонија да фрлам 10 милиони евра и да одам во затвор. Тоа е политички монтиран случај. Зошто не ме уапсија до тогаш, туку тој ден по пресот. Муса Џафери ми кажа, ако зборуваш, ништо не добиваш, само ќе одиш во затвор. Али Ахмети е жртва на Муса Џафери – тврди доктор Мустафа.
Борче Чупетрески, инвститор во болницата вели дека во овој случај политиката замешала прсти.
– Оваа болница каде инвеститори се Албанец, Македонец и Турчин се пример дека бизнисот нема граници. Тоа е она што не сплотува сите, но и овде политиката се покажа како елемент кој разединува. Овој бизнис беше растурен за политички цели. Од друга страна странските инвеститори, банки, кој што доаѓаат во оваа наша држава паралелено функционираат за да создадат капитал. Меѓутоа, доаѓањето до капитал, не треба да биде преку газење на жртви. На овој начин банките хараат низ Македонија, а ние граѓаните го плаќаме данокот. Бараме од институциите, како што аршинот е ист за нас, ист да биде и за странските инвеститори. Ако некој го погрешил Законот да одговара на ист начин – додава Чупетрески.
Лекарите пред неколку дена посочија дека болницата „Шендети“ во Тетово, не профункционирала поради организиран криминал, во кој биле вклучени приватна банка и владеачки структури на ВМРО ДМПНЕ и ДУИ.