Докажи дека сум зел пет денари за депонијата – претседателот на Советот на Неготино најави тужба!

by fokus

Претседателот на Советот на Општина Неготино, Диме Витанов, ќе тужи свој сограѓанин за клевета и навреда, доколку во рок од 48 часа не добие јавно извинување и повлекување на искажаните зборови против него.

Тој вчера упатил писмо во кое што бара извинување од Љубе Темелков, бидејќи за време на јавен собир каде се дискутирало за најавениот проект – депонија за индустриски инертен отпад, Темелков пред присутните рекол – Претседателот на општината зел 5.000 евра за да се изгради депонијата.

За ,,Фокус” Темелков вели дека настанот се случил за време на јавната расправа во општинската зграда, но не пред околу 50 лица, како што навел Витанов во писмото, туку пред околу 400 граѓани, кои загрижени поради најавената изградба на депонијата биле присутни.

-На јавниот собир кој што се одржа на 29-ти ноември во општинската сала во Неготино, каде имаше над 400 луѓе, сите беа против депонијата за инертен отпад. Единствено градоначалникот Тони Делков и претседателот на Советот Диме Витанов беа за изградба на депонија.

Штом Витанов толку многу се бори за депонијата, најверојатно тоа го прави за пари, а не за народот кој јасно кажува дека не сака депонија во Неготино. Тоа е спонтан заклучок кој може да го каже целиот град, а не клевета – вели Темелков. Додава дека со години наназад будно ја следи работата на секоја локална власт и секогаш реагирал кога не се работело морално, етички и според закон.

Во барањето за извинување доставено до него, Витанов навел дека изјавата упатена пред сите присутни претставувала директно и дрско омаловажување кон него како личност, и нарушување на неговиот интегритет како претседател на Советот.

-Поради тоа барам јавно да ми се извините во рок од 48 часа, на ист начин и во иста мера, и да ја повлечете јавно искажаната клевета. Во спротивно, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ќе поднесам тужба за надомест на штета и во граѓанска парница ќе продолжи целата постапка – пишува во барањето.

Во минатото во Неготино не се случило претседател на Совет да се закани со тужба на свој сограѓанин поради навреди или евентуално клевети, изречени за време на јавни собири и дебати.

За ,,Фокус” Витанов појаснува дека не можел, а да не реагира, бидејќи како што вели, ова била последната капка која што му ја прелила чашата.

Не е прв пат, и во минатото од сограѓанинот Темелков слушнав многу навреди и лажни обвинувања за наводни криминали во врска со работењето на локалната власт. Но, тоа дека сум зел 5.000 евра за да се гради депонијата во Неготино буквално беше последната капка која што ми ја прелеа чашата, и затоа барам извинување, во спротивно ќе поднесам тужба. Ако сум зел пари, тогаш Темелков нека го докаже тоа. Дури и пет денари ако сум зел, нека се истражи и нека се докаже, веднаш ќе си поднесам оставка – тврди Витанов.

Околу тоа кој е неговиот став за проектот депонија, кој што го крена на нозе градот и во тек е постапка за референдум, тој вели дека нема да брани ништо кое што не е поддржано од народот.

Поради најавениот проект, продажба на државно земјиште на кое ќе се гради депонија за индустриски инертен отпад, минатата недела за помалку од еден час беа собрани потребните потписи од граѓаните за поднесување на иницијатива за референдум против изградбата на депонијата. Неготинчани стравуваат за своето здравје и за животната средина, и покрај тоа што градоначалникот Делков во два наврати имаше видео обраќање, каде уверуваше дека инертниот отпад не е опасен, но и ја префрлаше вината за депонијата на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи во време на нивното владеење, земјиштето било дадено под закуп, со цел да се користи како депонија за индустриски отпад.

-Јас не сум ја измислил, ниту сум ја направил депонијата, туку уште во 2009 година Советот дал согласност за формирање на депонија за индустриски инертен отпад – појаснува тој во видео обраќањето, но под објавениот линк граѓаните отворено му порачаа дека не се важни ниту СДСМ ниту пак ВМРО, туку здравјето на народот, и бараат од него да каже стоп за целиот проект.
Вики Клинчарова

Поврзани новости