Дојран го враќа стариот сјај: Се очекуваат над 30.000 посетители за продолжениот викенд!

by Fokus

Општина Дојран се подготвува за претстојната туристичка сезона, а за време на продолжениот празничен викенд, за три дена, очекуваме над 30.000 посетители. Сместувачките капацитети веќе се резервирани, имаме над 300 приватници кои нудат сместувачки услуги, плус хотелите. Локалите имаат подготвено интересни забавни програми, со многу музички гости и веруваме дека сите кои ќе го посетат Дојран за време на празникот, ќе бидат задоволни – за „Фокус” вели градоначалникот Анго Ангов.

Појаснува дека плажите се средени, се работи и на патеките за пешачење, а за време на летната сезона ќе се отвореле и нови плажи.

Во последните неколку години, Дојран повторно го враќа стариот сјај и за време на викендите и за празници во тек на лето е преполн со посетители. Најмногу ги има од земјава, но често може да се сретнат и туристи од странство, кои на пат кон Грција или Турција решиле да поминат неколку денови покрај Дојранско Езеро.

Традиционалните дојрански локали, кои опстојуваат со децении, на менито ги нудат специјалитетите од риба, најчесто крап или пастрмка, и тоа по доста пристапни цени. Кременадли од крап, печен крап, крап во тепсија, икра или чипс од крап, чорби од риба или икра, печена пастрмка, и тоа по цени од 300 до 500 денари.

И цените на пијалокот во локалите се пристапни, а атрактивно е и шеталиштето на кое се продаваат свежо подготвени десерти.

Цените за ноќевање во сместувачките капацитети се слични како во Охрид, од 2.000 денари за поскромни апартмани, па се до над 4.000 денари во помодерните сместувачки капацитети.

-Најавено е гостување на познати музички бендови, на регионални изведувачи, како и на диџеји во повеќе локали. Менаџментот на локалите сам си одлучува кои музички ѕвезди ќе ги покани да настапуваат, а за време на продолжениот викенд, според најавите, има гости за секој музички вкус – ни изјави градоначалникот Ангов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости