Фолк пејачката Сања Ристеска, која се појави на сцената во 2009 година, а потоа сними повеќе песни кои станаа популарни, а помеѓу нив и доста коментираната ,,Е, баш ме заболе” повеќе од две години не живее во Македонија.
Како што раскажува за „Фокус“, нејзината преселба се случила непланирано, кога заминала на мини турнеја во Австралија. Иако планирала да се врати назад, во родниот Прилеп за неколку месеци, сепак, како што вели, судбината имала поинаков план за неа.
-Идејата воопшто не ми беше заминување од мојата Македонија, туку дојдов во Австралија на кратка турнеја, во екот на мојата кариера. Но, ете, се поклопија коцките, јас се уште сум тука.
Моите блиски се изненадија од одлуката да останам во Австралија, реакции имаше, и се уште ги има. Но, тие знаат дека јас сум таков карактер, претежно сама донесувам одлуки, и истите ги реализирам.
Кога станува збор за работата, нема емоции и пристрасност во одлучувањето, вели Сања.
Додава дека и во Австралија има бројни музички настапи пред нашите иселеници, но исто така започнала и со студии.
-Дома си е дома, но животот има чудни патишта. Не постои универзално упатство како треба да живееме и да се однесуваме, секој со своите искуства и со лични проценки за она кое смета дека е најдобро за него.
Овде социјализацијата помеѓу Македонците е на завидно ниво, нашинците во дијаспората секогаш се многу верна публика која ја сака и негува македонската изворна песна, во изведба на домашните музичари.
Јас, каде и да сум, уште од моите музички почетоци, се трудам да придонесам за мојот народ, на мој начин, преку убавите стихови на македонската песна.
Мојот ангажман живее и во Македонија, иако физички не сум таму, и тоа преку песните кои и ги оставив на публиката, вели Ристеска.
Појаснува дека не е од оние кои прават планови за во иднина, туку остава животот да ја носи, и не прецизира дали ќе остане во Австралија, или пак ќе се врати во родната земја.
-Кажале дека животот е она кое ти се случува додека ти ги кроиш плановите за него, а јас имам навика да не зборувам за моите планови, туку само живеам, раскажа фолкерката.
Вики Клинчарова