Лошите работи воопшто не ме изненадуваат во животот, но добрите дела секогаш знаат да ме трогнат. Тоа што ми се случи периодов, кога непознат човек покажа една таква големина, е нешто кое ја враќа довербата дека има надеж за сите нас – за ,,Фокус” раскажува штипскиот хуманитарец Александар Горгиевски, кој неодамна добил телефонски повик од Скопје, од сопственик на приватна компанија, кој никогаш порано не го сретнал во животот.
Вели дека поради активностите во неговата хуманитарна организација, преку која реновираше повеќе домови на лица од социјален ризик, како и честата достава на донации во вид на храна, облека, бела техника и градежни материјали, му било потребно соодветно возило, со цел самиот да може да ја врши доставата. На социјалните мрежи објавил порака во која раскажал дека без возило тешко ќе може да функционира и да ги остварува своите хумани цели, бил на мисла дури и да се откаже од својата мисија, кога добил телефонски повик кој ги променил настаните.
-Ми се јави човек од Скопје, се претстави како Злате Атанасов, сопственик на фирмата ,,Ленди Груп Скопје”. Ми кажа дека прочитал за возилото кое ми е неопходно за организацијата, и на мое огромно изненадување ми рече да дојдам кај него во фирмата.
–Имам десеттина возила, дојди веднаш и одбери си кое го сакаш.
Овие негови зборови ме оставија без текст, едноставно не ми се веруваше дека постојат такви луѓе, кои само поради тоа што ја следеле мојата работа на социјалните мрежи, се во состојба да помогнат на ваков, несебичен начин. Го зедов товарното возило Фиат, нема потреба да раскажувам од колкава помош ми е. Сакам јавно да му се заблагодарам на Злате, кој не само за возилото, туку потоа и за низа други работи поврзани со хуманитарната работа, без двоумење се стави на располагање. Тоа се тие луѓе кои треба да ги спомнеме, да им покажеме почит за нивната широка душа! Да ги има што повеќе помеѓу нас, земјата ќе ни биде поубаво место за живеење, за сите – вели Горгиевски.
Појаснува дека Атанасов, но и уште неколку други сопственици на приватни компании во изминатиот период редовно му помагаат, а најголема сатисфакција за сите биле радосните лица на децата и на луѓето до кои стигала потребната помош.
-Луѓето веќе ме научија, па кога имаат некоја мака ми пишуваат. Со помош на општествено одговорни компании обезбедуваме најразлични донации, според потреба. Чешми, комоди, клима уреди, перални, мебел, храна, облека, па дури и играчки за најмладите, сето тоа сме го обезбедиле и некому сме му го олесниле и разубавиле животот. За да имаме едно здраво општество, сите мора да покажеме човечност, само така, заеднички можеме да донесеме промени – порача хуманитарецот.
Вики Клинчарова