Демократската унија за интеграција вечерва го промовира претседателскиот кандидат, Бујар Османи.
Конвенцијата се одржува во Спортско-рекреативниот центар „Кале”, под мотото „Дојде време за првиот претседател Албанец“.
– Сум се соочил со најтешките предизвици во добри и лоши времиња, на овој начин добив големо искуство кое ми дава целосна сигурност дека заедно ние можеме да направиме повеќе и да успееме. Борбата за демократија, за еднаквост и за европски вредности е борба за нашата иднина и таа не е завршена. Денеска пред вас давам свечено ветување дека мојата посветеност за овие вредности е непоколеблива. Нашите граѓани и деца заслужуваат европска иднина, ние им должиме на нив за да го изградиме тоа и ви ветувам дека ќе ја изградиме – порача Бујар Османи во своето обраќање.
Присутни се претседателот на ДУИ, Али Ахмети, но и Талат Џафери, Теута Арифи, Арбр Адеми, Артан Груби…
Министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ, Османи, најави дека меѓу темите на неговата кампања ќе бидат уставните измени за впишување на Бугарите и изборот на претседател на државата во Собранието.
Тој очекува влез во вториот круг. Својата програма, како што рече, ја работел со домашни и меѓународни експерти, како претседателски кандидат ќе има своја веб страница и ќе им се обраќа на сите граѓани без оглед на етничката припадност.