Дојчиновски: Ни се вратија докажани имиња на „Макфест“- фестивалот беше успешен

by fokus

За време на викендот во Центарот за култура „Ацо Шопов” во Штип се одржа 34-то издание на реномираниот фестивал на забавни мелодии „Макфест 2019”.

Фестивалот на кој во минатото продефилираа голем број на звучни имиња од поранешните Ју простори и од каде започна музичката кариера на голем број на естрадни уметници, традиционално го привлече вниманието на народот.

Јавноста, сепак, поделена. Дел од граѓаните уште за време на двете полуфинални вечери на социјалните мрежи порачаа дека се задоволни од понуденото, но имаше и такви кои не ги изоставија критиките и обвинувањата дека победниците биле познати однапред. Како потсетување, првото место и наградата од 5.000 евра замина во рацете на младиот Мартинијан Кириловски за песната „Сто пати на ден”, втората награда од 3.000 евра кај дуото Дац и Александар Митевски за „Уште ми фалиш”, а третата од 1.000 евра кај српската музичка атракција „Фрајле” за нумерата „Не и признавај”.

Околу тоа како гледа на целиот настан и дали е задоволен од оствареното, и покрај критиките, уметничкиот директор на фестивалот, Владимир Дојчиновски – Дојчин, за „Фокус” тврди дека годинава ,,Макфест” според него бил еден од најинтересните и поминал на едно високо ниво.

 

-За мене фестивалот беше на едно високо ниво, според квалитетот на песните, изведувачите, и секако авторските тимови. Исто така, лично за мене, еден од најинтересните, ако не и најинтересен „Макфест” од кога јас учествувам како автор. Има неколку навистина посебни моменти по кои ќе го паметам овој фестивал. Ќе ги издвојам враќањето на Росана Сариќ – Тодоровска по толку години на макфестовската сцена, враќање на авторите Александар Митевски, Александар Масевски, Тоше Поп – Симонов, Александар Ристовски – Принц… Понатаму, жанровска шареноликост, учество на интернационални изведувачи, Фрајле и Јасмин Лопез. Одличниот звук годинава на преносот е за почит. Исто така, посетата на претседателот на државата Стево Пендаровски, по неколку децении на „Макфест”, тоа се работите кои го одбележаа овој фестивал. А, победниците, горе – долу, уште во полуфиналните вечери се издвоија по својот квалитет, шарм и чувство за фестивалската сцена – раскажува Дојчин.

Околу коментарите на незадоволство и обвинувањата дека квалитетни песни не влегле во финале или пак останале без награда, кои што деновиве се објавија во повеќе медиуми, тој порачува дека фестивалот не е борба за парични награди. Дали некоја песна била квалитетна, вели, ќе покаже времето, односно колку таа ќе биде слушана во годините кои доаѓаат.

-Навистина, не знам за што не обвинуваат. Но, ќе им порачам на незадоволните дека фестивалот не е борба за пари и награди. Ова е платформа за презентација на најдоброто што го имаат во моментот, а признанијата си доаѓаат низ времето, доколку нивните песни се вртат и остават белег во македонската музика. Да не заборавиме, Мартинијан Кириловски лани не ни влезе во финале. Сосема свесен за конкуренцијата со која што се соочи, не спомна ниту еден лош збор за фестивалот. Затоа пак годинава беше брилијантен на сцената на „Макфест” со комплетен производ, во конкуренција со многу квалитетни композиции и изведувачи. И да не заборавам да кажам, трите дебитантки кои се најдоа во финале се иднината на македонската сцена! Честитки до Лара, Мартија и Славица – вели Дојчиновски, кој беше именуван за уметнички директор на фестивалот минатата година.

Тогаш тој порача дека ќе направи се за „Макфест” да го задржи реномето. Пред да стане уметнички директор, уште од 1998 година учествувал на манифестацијата како аранжер или пак автор на музика. Покрај наградените Кириловски, Дац и Митевски и „Фрајле” на фестивалот беа доделени и награди уште во четири категории. Наградата за најдобра интерпретација отиде кај Росана Сариќ-Тодоровска со песната „Спомени“, наградата за најдобар дебитант ја доби Славица Ангелова со изведбата на песната „Љубовта не боли“.

Мартија Станојковиќ која имаше комплетен настап на сцената ја освои наградата за најдобар сценски настап со изведба на песната „Возбуда и љубов“, и наградата за најдобар аранжман отиде во рацете на Иле Спасов за песната „Кој те учи така“.

Вики Клинчарова

Поврзани новости