Дојава за бомба во охридско училиште, содржината како да била преведена од „гугл транслејт“

by Fokus

Наставата во средното стручно училиште „Свети Наум Охридски“ во Охрид ќе продолжи да се одвива нормално во втората смена, по направените проверки од специјалните тимови на Министерството за внатрешни работи и потврдата дека се работи за лажна дојава за поставена експлозивна направа, информира за МИА директорот Сашо Недески.

Тој посочи дека утрово на службениот меил на училиштето стигнала порака со содржина дека има експлозивна направа, напишана нејасно, односно како да е преведена од гугл транслејт.

– Веднаш го известив Министерството за внатрешни работи и дојдоа нивни припадници ни дадоа упатство да се евакуира училиштето според сите протоколи. Учениците беа запознаени со начинот на евакуација, бидејќи имавме вежба за евкаукација од елементарна непогода и за кратко време беше евакуирано цело училиште, појасни Недески.

Поради дојавата за експлозивна направа наставата била прекината, но по направените проверки вработените се враќале на своите работни места и втората смена ќе продолжи нормално да функционира.

– По направените проверки од специјалните тимови беше утврдено дека дојавата е лажна не е пронајдена никаква експлозивна направа. Наставата беше прекината, но по потврдата дека училиштето е безбедно и нема простор за паника, втората смена ќе почне во 13 часот и 30 минути и нормално ќе си функционира, рече Недески.

Ова е прва дојава за бомба во охридско училиште, но по направените потребни проверки утврдено е дека станува збор за лажна дојава.

– Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешната пријава дека на електронската адреса на едно училиште во Охрид е упатена закана за поставена експлозивна направа, соопшти МВР.

Поврзани новости