Договорот за добрососедство да биде дел од рамката за преговори со Македонија

by Fokus

Министерството за надворешни работи на Бугарија информира дека денеска го потврдиле својот став за европската перспектива на Македонија на денешниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург, притоа останувајќи отворени за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање заемно прифатливи решенија.

Бугарија на состанокот на Советот беше застапувана од заменик-министерот за надворешни работи на земјата Румен Александров и за време на разговорите се дискутираше за моменталната состојба во процесот на проширување на ЕУ.

-Бугарија ги продолжува консултациите со Скопје во спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство. Приоѓаме конструктивно и со добра волја, но очекуваме Република Северна Македонија да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво од 17 јуни 2021 година во Софија, што ќе ни овозможи да се движиме во позитивна насока, рече Румен Александров.

Според соопштението на бугарското МНР, ова вклучува експлицитно откажување на Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи / споменици кои создаваат омраза кон Бугарија, активирање на процес на рехабилитација на жртвите на Југославенскиот комунизам поради бугарска самосвест.

-Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Република Северна Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Скопје во ЕУ, изјави Александров.

 

Поврзани новости