„Договорите со Бугарија и Грција да влезат во преговарачката рамка со Македонија“

by fokus

Бугарскиот претседател Румен Радев за време на разговорите со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Софија повикал Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Република Македонија и Препсанскиот договор меѓу Грција и Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка за членство на Македонија во ЕУ, соопшти прес-центарот на бугарскиот претседател.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедничкиот став на двајцата бил дека европската интеграција на Република Македонија е во интерес на целиот регион, но процесот треба да се поврзе со почитување на европските вредности и преземените обврски во билатералните договори. Друга тема на која разговарале Радев и Мицотакис било унапредувањето на билатералната енергетска, транспортна и економска поврзаност меѓу Бугарија и Грција.

Двајцата го поздравија обновувањето и понатамошниот развој на стратешкото партнерство меѓу Бугарија и Грција, кое го идентификуваа како клучно не само за нивните билатерални односи, туку и за стабилноста во регионот на Југоисточна Европа.

Забрзувањето на процесот на изградба на гасниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција е приоритет за двете земји, беше истакнато на средбата. Дополнителен позитивен ефект врз енергетската диверзификација меѓу Бугарија и Грција ќе биде лансирањето на терминалот за течен гас во близина на Александрополис што се очекува да се случи во 2023 година и во кој Бугарија поседува 20 проценти од акционерскиот капитал на компанијата што ќе го гради и управува.

Софија и Атина сакаат да ја подобрат транспортната поврзаност, вклучително и преку отворање на нови гранични премини, што ќе придонесе Бугарија и Грција да имаат висок потенцијал и успешно да го развијат секторот за информатичка технологија во нивните економии, што создава поволни услови за продлабочување на билатералното партнерство, вклучително и на регионално ниво.

Поврзани новости