Шест членки на ЕУ кои преговараат за највисоките позиции во блокот постигнаа договор. Тие се согласија Германката Урсула фон дер Лајен, Португалецот Антонио Коста и Естонката Каја Калас да ги добијат првите позиции во Европската комисија, Европскиот совет и Службата за надворешна политика, потврдија за Политико пет претставници на ЕУ.
Шестте преговарачи се грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и полскиот премиер Доналд Туск (за Европската народна партија), шпанскиот премиер Педро Санчез и германскиот канцелар Олаф Шолц (за социјалистите) и францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте (за либералите).
Следниот чекор ќе биде состанокот на лидерите на ЕУ во четврток во Брисел каде трите имиња ќе бидат претставени на одобрување на шефовите на држави и влади.
Еден од официјалните лица, кој сакаше да остане анонимен, зборувајќи за чувствителните преговори, рече дека италијанската премиерка Џорџа Мелони не би сакала да не биде вклучена во преговорите (повторно) со оглед на тоа што нејзината политичка група во Европскиот парламент е трета најголемата сила по европските избори во јуни.
Мелони не беше дел од денешните преговори, што беше услов што го поставија либералите и групите од левиот центар. Тие претходно ветија дека нема да ја поддржат Фон дер Лајен доколку таа се договори со италијанската лидерка.
Сепак, Италија најверојатно ќе добие многу високо портфолио во следната Европска комисија, наведува Политико.
Меѓутоа, унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалните мрежи, по објавувањето на веста, напиша дека договорот „кој што ЕПП го склучи со левичарите и либералите е против се што се заснова ЕУ“.
„Наместо инклузија, се сее семе на поделеност. Врвните функционери на ЕУ треба да ја претставуваат секоја земја-членка, а не само левичарите и либералите“, напиша Орбан.