Додик: САД се голема земја, но и голем лажго

by fokus

САД се голема земја, но исто така се и голем лажго. Тие се на страната на муслиманите, изјави српскиот член на Претседателството на БиХ и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик по санкциите што му ги воведоа САД.

Според него, на Американците им пречи тоа што Република Српска е стабилна и „не е важно што Федерацијата БиХ не избра нова влада три години по изборите и што Хрватите немаат свој легално избран претставник во Претседателството на БиХ“. „Ако БиХ се распадне, а очигледно ќе се распадне, РС е единствената што може да функционира“, рече Додик.

Тој ги нарече лажни сите наводи за корупција, кои се наведени во образложението за санкциите што му се изречени, нагласувајќи дека против него не се води судски процес во правосудните институции поради корупција. Додик додаде дека се слушнал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој му рекол дека „нема да стои зад тие санкции“ и најави дека со Вучиќ ќе се сретне во Белград по божиќните празници.

Министерството за финансии на САД вчера најави нови санкции за Додик, поради, како што е објаснето, поткопување на стабилноста на БиХ, корупција и загрозување на мировниот договор. Санкции беа изречени и за телевизијата АТВ во Бања Лука, поради поврзаноста со Додик.

Поврзани новости