Лидерот на босанските Срби Милорад Додик најави „нова фаза на борбата“ и распад на Босна и Херцеговина.
Тој ова го кажа на специјалната седница на парламентот на Република Српска, свикана на негово барање за да се разгледа „безбедносната ситуација во светот и влијанието врз РС“.
Директен повод е одлуката на високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит претходно неделава да наметне измени на изборниот закон.
Додик истакна дека европската перспектива на БиХ е спорна поради вредностите на кои Европската Унија се темели, како и поради дејствувањето на Шмит и наметнувањето закони.
-Донесувањето и наметнувањето закони е пред сè нож во грб за БиХ – рече тој, тврдејќи дека БиХ е всушност територија, а не држава.
Повторно негираше дека во Сребреница се случил геноцид, истакнувајќи дека таму подеднакво настрадале и Срби и Бошњаци.
Притоа, американскиот амбасадор во БиХ го нарече искомплексиран, го нападна Судот на БиХ нарекувајќи го „место за терор врз Србите“, како и Уставниот суд.
-Најпаметно е да седнеме и да разговараме како да се разделиме на мирен начин – заклучи Додик, кој е сигурен дека на Бошњаците ќе им останат 25 отсто од територијата на БиХ каде што ќе можат да живеат.