Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека на средбата во Белград го информирал претседателот на Србија, Александар Вучиќ за внатрешните проблеми на БиХ и обидите за демонтирање на уставната позиција на Република Српска.
Додик рече дека го информирал Вучиќ за, како што вели, фактот дека тие обиди кулминирале со неуки, цинични и груби барања имотот да биде проблем на ниво на БиХ.
– Ангажирањето на дел од меѓународната заедница и политичкото Сараево води кон деградација и уште повеќе условување на уставната позиција на Република Српска. Дојдовме до момент кога не можеме да го одложиме ова прашање и нашата одбрана, како реакција на сето тоа, е сериозно да размислуваме за донесување одлука за независност и отцепување на Република Српска – нагласи Додик.
Тој нагласи дека Република Српска не бара ништо друго освен она што е веќе решено со Дејтонскиот договор и Уставот на Босна и Херцеговина.
Додик повтори дека Република Српска се залага за неутралност, следејќи ја позицијата на Србија.
– Соработка со НАТО е можна, но ние ја прекинавме сега додека не ја дефинираме позицијата, но членството не доаѓа предвид – рече Додик.