Додик: Каква и да биде пресудата против мене, нема да реши никакви проблеми

by Fokus

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска изјави дека каква и да биде пресудата на Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) против него и против вршителот на должноста на Службен весник на РС Милош Лукиќ за неисполнување на одлуките на високиот претставник, тоа нема да реши никакви проблеми, туку, како што оцени, ќе отвори десетици нови проблеми.

„Претседателот на партијата за демократска акција Бакир Изетбеговиќ знае, знае министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ, знае новинарот на порталот Истрага Авдо Авдиќ. Јас не сум јасновидец, па не знам каква пресуда ќе биде изречена за мене и Лукиќ“, напиша Дoдик на социјалната мрежа Х.

Порталот Истрага.ба, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Додик ќе биде осуден, а Лукиќ ослободен од обвиненијата, додавајќи дека не се знае колкава ќе биде казната, но извесно е дека на Додик ќе му биде изречена неколкугодишна забрана за политичка активност.

Додик оцени дека Обвинителството на БиХ го поднело обвинението под притисок, а Судот на БиХ го потврдил под притисок.

Тој нагласи дека судијата Мирсад Штрика, кој, како што наведе, одбил да учествува во политичкиот процес, „ќе биде запаметен со чест“.

„Останатите ќе мора да живеат со срам. Целта беше една, ефектот ќе биде сосема поинаков. Можеби тоа е најдобро. Можеби БиХ не заслужила подобро“, заклучи Додик.

Поврзани новости