Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик потврди дека отцепувањето на Република Српска му е најважна цел што се обидува да ја оствари и само го чека вистинскиот момент кога ќе го реализира тоа.
– Јас сум вечен стражар по ова прашање. Токму сега знам за некоја констелација на односи што може да се совпадне во светот, Европа, Америка. Доколку тоа се случи, истиот миг ќе прогласам независност, додаде Додик во интервју за УНА.
Тој, како што појасни, стравува само од тоа да не го „преспие“ вистинскиот момент за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина, а сегашната стратегија му е да покаже трпение за да избегне можна реакција на Западот на своите планови.
Додик се пофали со одржувањето добри односи со рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот Си Џинпинг, турскиот Реџеп Тајип Ердоган, како и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, сугерирајќи дека тие му се можни сојузници во спроведувањето на сецесионистичките планови.
За тоа на крај да се оствари, според него, важно е да не се дозволи на изборите во октомври да победи опозиција што би го тргнала од власт.
– Не смее да се дозволи да дојдат на власт западни фаворити. Тие веќе сметаат на опозициски кандидати, тврди Додик, нагласувајќи оти сега веќе целосно е уверен во победата на 2 октомври.
Тој одлучи на изборите да биде кандидат за претседател на Република Српска, а актуелната претседателка на ентитетот Жељка Цвијановиќ ја издвои како кандидатка за член на Претседателството на Босна и Херцеговина.