Додик: Ако Америка може да ги земе Гренланд и Канада, Република Српска може да се обедини со Србија

by Fokus

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, изјави дека Република Српска има право да се обедини со Србија по истата аналогија според која идниот американски претседател Доналд Трамп го полага правото на САД над Гренланд.

Во интервју за балканскиот огранок на руската пропагандна телевизија Russia Today (RT Balkan), со седиште во Белград, Додик, изразувајќи ја својата лојалност кон Владимир Путин, ја искористи можноста да го покрене прашањето за границите на европско тло и уште еднаш да ја промовира својата стара идеја за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина и обединување со Србија.

Тој рече дека постојните граници не се „света крава“ и се осврна на начинот на кој е призната независноста на сегашните држави што се појавија на територијата на поранешна Југославија.

„Ако Американците велат дека немало отцепување меѓу Словенците и Хрватите, туку реален факт на теренот, зарем РС не беше вистински факт и на терен? Зошто нѐ вративте во таа глупост наречена Босна и Херцеговина? Ако Гренланд и Канада можат да го сторат тоа, ако може и Источна и Западна Германија, како РС сега не може да се приклучи на Србија“, рече Додик, додавајќи дека и Русија има право на Украина.

Ако Путин не ја нападнеше Украина, тврди лидерот на босанските Срби, Русија ќе беше распадната на неколку помали држави кои ќе беа преземени од мултинационални компании.

„Но, тие не сметаа дека има еден Путин кој има поддршка од народот и доволно решителност“, заклучи Додик.

Поврзани новости