По 17:20 часот денеска, Решението за притвор против Сеад Кочан ќе биде неважечко, ако не биде доставено до Апелациски суд. Судот незаконски, пред да стане правосилно решението за притвор против осомничениот Сеад Кочан, издал наредби за притворање и за издавање потерници што претставува флагрантно прекршување на принципот на владеење на правото, вели адвокатот на Кочан, Никола Додевски во соопштение до медиумите.
Според Додевски, Кривичниот совет на Основниот Суд Скопје 1 сторил груба незаконитост и без законска основа навел дека жалбата не го задржува извршувањето на Решението за определување мерка притвор, тврди Додевски.
„Кога притвор одредува Кривичниот Совет и жалба се поднесува до Апелационен Суд законот не предвидува дека жалбата не го задржува извршувањето на решението, туку напротив, согласно член 442 од зкп, жалбата го задржува извршувањето на решението“ , се вели во соопштението.
Судот исто така се уште не го доставил предметот до Апелациониот суд Скопје иако рокот за донесување одлука истекува денеска во 17:20 ч. Во 17:21 ч решението за определување мерка притвор нема да произведува правно дејство, вели Додевски.