Младен Додевски, кого МВР го бараше со потерница за насилствата во Собранието на 27-ми април, синоќа бил уапсен во Градскиот парк. Според информации на „Фокус“, полицијата добила дојава дека Додевски е во еден од рестораните во Градски парк. Во моментот кога Додевски излегол од ресторанот, полицајците тргнале да го приведат, но тој почнал да бега. Сепак брканицата траела кратко, бидејќи набрзо бил совладан.
Додевски по апсењето веднаш бил однесен во полициска станица, по што бил спроведен во притвор.
Додевски е еден од петмината по кои беше распишана потерница затоа што не беа достапни на органите на прогонот, меѓу кои Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Дејан Давидовски и Митре Питроповски.
Додевски се сомничи за тероризам и уставно загрозување затоа што, според сомнежите, маскиран и со фантомка упаднал во Собранието заедно со толпата демонстранти.
В.В.