Пред две години, јубилејното дваесетто издание на забавната манифестација ,,Златна Бубамара на популарноста’’ остана запаметено по настапот на Биба Додева, како специјалната обвинителка Катица Јанева, и Тина Трпкова како Фатиме Фетаи, а Нина Деан како Ленче Ристоска.
Нивната изведба на песната за СЈО предивика бурни реакции во јавноста, доби многу пофалби, а песната стана хит кој се вртеше по радио станиците.
Во интервју за ,,Фокус” набргу по интересниот настап, поп пејачката и претседателка на македонското здружение за борба против ракот ,,Борка’’, Биба Додева, која физички многу наликува на Јанева, ни изјави дека не е тешко да се биде Катица, ако покрај себе ги имаш Ленче и Фатиме.
-Многу пати досега ми имаат кажано дека си личиме со Катица, ме прашале да не сме роднини. Знам дека си личиме, посебно во насмевката. А исто, буцки сме и двете и мислам дека добро го носиме и тоа. Како што се носиме и со јавниот живот. Посебно ми кажуваа дека си личиме во времето кога бојата на косата ми беше посветла, а истото и го кажувале и нејзе, па така нашата прва средба беше доста интересна. Ми беше посебно драго тоа што Катица ја прифати шегата на нејзина сметка. Додека ние трите настапуваваме, камерите ја снимиле нејзината позитивна реакција – раскажуваше Додева пред две години, во времето кога Јанева беше симбол за враќање на правдата во земјава.
Вчера пак, по приведувањето на Јанева, Биба се пошегува на сметка на физичката сличност со неа, и на својот Фејсбук профил напиша – Кој се изгорел на Катица, ќе дува и на Биба Додева, што предизвика низа на коментари во стилот – Внимавај да не те уапсат и тебе по грешка, спремај се за главна улога во филм за Јанева и слично.
Додева моментално присуствува на Балканска средба на жени со рак на дојка, која за прв пат се одржува во земјава, па не беше достапна да одговори на нашето прашање дали по настаните со Јанева се случило некој да се препознае и да и дофрли нешто, и дали евентуално би прифатила да се појави во улогата на Јанева во некој ТВ проект во иднина.