Признанието за најуспешен политичар на Битола го освои локалниот лидер на СДСМ и актуелен пратеник Васко Ковачевски, додека градоначалникот на Битола и сите директори на јавните претпријатија, образовните институции и советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира манифестацијата и не присуствуваа на доделувањето на наградите.
Со врачувањето на признанијата на најуспешните битолчани во ресторанот „Вавилон”, во петокот на 24 февруари, заврши годинашната акција на Битолски весник “Избираме најуспешни битолчани” за 2016 година.
Соред оценките на сите присутни на гала вечерта, тоа беше уште една „Оскаровска ноќ” во преполнетиот ресторан “Вавилон”, кој и оваа година, како и сите претходни, беше претесен да ги прими сите кои сакаа во живо да присуствуваат на свеченоста.
На Манифестацијата, која и оваа година се одржа под генерално покровителство на германската компанија „Кромберг и Шуберт“ беа доделени над 45 награди во категории и посебни признанија, во повеќе области.
Највисокото признание на „Битолски весник“ за животно дело му беше врачено на битолчанецот од Ниже Поле, инаку светски познатиот ликовен уметник, Васко Ташковски.
Признанието од областа на стопанството го освои компанијата за производство и продажба на тутун, „Сокотаб“ Битола, додека наградата која го носи името на авторот на песната Битола, мој роден крај „Ајри Демировски” му беше доделена на познатиот битолски композитор и автор на многу македонски хитови Петар Георгиев Калица.
Од областа на културата признанието на „Битолски весник“ му припадна на Камерниот оркестар, додека во естрадата убедливо најдобри беа членовите на групата „Гром”.
На Манифестацијата признание за општествено одговорна компанија доби фирмата „Кромберг и Шуберт“, а наградата за новинарство им припадна на новинарката на ТВ „Тера“ Неда Маретиќ и Радио 105, кое минатата година прослави 25 години од своето работење.
Во областа на политиката по 12 години пауза, прв пат признанието за најуспешен политичар на Битола го освои еден опозиционер. Тоа е локалниот лидер на СДСМ и актуелен пратеник Васко Ковачевски.
Вистински овации кај присутните предизвика одлуката на Битолски весник да им додели посебно признание на хуманитарните работници „Од рака до рака“ од Шведска кои со својата хумана мисија донираа во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен говор и слух „Кочо Рацин“, а кои за манифестацијата дојдоа директно од Шведска.
Инаку, црна дамка на манифестацијата, која оваа година го прослави својот 18 роденден остави одлуката на градоначалникот на Битола, Владимир Талески тој и сите директори на јавните претпријатија, образовните институции и советниците на ВМРО-ДПМНЕ да ја бојкотираат манифестацијата и да не присуствуваат на доделувањето на наградите.
Таквиот негов чин наиде на остра осуда кај битолчани, кои и овојпат масовно присуствуваа на свеченоста, на која и покрај директниот телевизиски пренос на ТВ „Тера“присуствуваа над 850 гости.
Инаку, манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“ веќе 18 години по ред ја организира најстариот битолски неделник „Битолски весник“ кој годинава слави 54 години од излегувањето на првиот број.
В. М. Младеновска