По повод 120 годишнината од раѓањето на донаторот на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денес, за прв пат се доделени 135 стипендии на студенти кои во академската 2021/2022 година се запишаа на првиот циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, информираат од Универзитетот.
„Иако првично беше планирано да бидат доделени 40 стипендии, Одборот на Фондацијата „Атанас Близнакоф“, одлучи оваа година бројот на доделени стипендии да се зголеми, односно да се поддржат сите кандидати кои се пријавија на овој Конкурс.
Годишно секој студент ќе добие 120.000 денари стипендија како поддршка за своите студии, доколку редовно напредува во текот на студирањето.
Стипендиите се доделија на редовни студенти кои оваа академска година се запишаа во прва година на прв циклус на студии на факултетите при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, врз основа на постигнатите резултати и успех во претходниот циклус на образование, и врз основа на достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, согласно уловите и критериумите определени во распишаниот јавен Конкурс.
Сметаме дека овие млади мотивирани луѓе, заслужуваат да им се даде можност да го продолжат своето образование на факултет по нивен избор, со што би го поддржале нивниот професионален развој и успех. Убедени сме дека овие млади лица во иднина ќе бидат успешни професионалци, кои ќе придонесат за понатамошен развој и напредок на Македонија.
Фондацијата „Атанас Близнакоф“ e основана во 1977 година од еден од најголемите донатори од дијаспората. Стипендиите од Фондацијата се обезбедуваат од камати и од дивиденди на Фондацијата „Атанас Близнакоф” во Соединетите Американски Држави.
Постапката за избор на кандидатите е спроведена преку платформа која е обезбедена од организацијата Македонија 2025„, велат од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.