Премиерот Зоран Заев вели дека македонската компанија „НЈСК Холдинг“ е прва која добила лиценца за извоз на сув цвет од канабис.
„Имаме намера да основаме неколку фондови од дополнителните даноци што оваа индустрија ќе ги плаќа кон државата и со тоа кон граѓаните како резултат на профитот од извозот на цветот од медицински канабис. Од нивните давачки кон државата ќе ги поддржиме лекувањата на лицата со ретки болести, ќе основаме медиумски фонд за продукција на домашни содржини, како и проекти од областа на културата, спортот и проекти на граѓанскиот сектор, но и работата на Агенцијата за канабис“, напиша Заев на фејсбук.
Тој вели дека извозот ќе се обезбедува низ строга регулатива исклучиво, согласно стандардите и правилата на ЕУ.
„Од економски аспект, извозот на цвет од канабис за медицински цели значи и нови инвестиции, развој и стимулира отворање нови високоплатени работни места. Да бидеме пред останатите во регионот, да ги следиме современите текови и економските преструктуирања, бидејќи одредени индустрии, може и тоа како да ја поттикнат домашната економија и да помогнат. Во таа смисла, ја поздравувам и поддржувам и работата на работната група за декриминализација на канабисот координирана од Владата и верувам дека низ инклузивен процес ќе се дефинираат најдобрите решенија за користење на медицинските и економските бенефити од билката канабис“, напиша Заев.