Се уште нема информација за јавноста дали во Скопје ќе има организиран дочек на Новата 2025 година, па граѓаните кои сакааат да слават на плоштад, оставени се во неизвесност и не можат навремено да планираат.
Изминативе две години зад организацијата на дочекот стоеше Град Скопје и Комората на музичката индустрија на Македонија, но како што минатата недела изјави за ,,Фокус” претседателот на Комората, Горјан Стојановски, се уште никој од Град Скопје не го контактирал, и немал информации дали ќе биде вклучен во организацијата.
Затоа пак, во Хрватска веќе се објавени музичарите кои ќе настапуваат во поголемите градови, а во име на транспарентноста, објавени се и нивните хонорари.
Најскапо платен изведувач ќе биде Zucchero, чиј хонорар изнесувал 300 илјади евра плус данок, а ќе настапи во Дубровник заедно со Тони Цетински.
Во Загреб ќе пеат Јосипа Лисац, Бејби Лазања, Миач, Грше и Хиљсон Мандела, а вкупниот хонорар за нивните настапи изнесувал 120.000 евра.
Дубиоза Колектив ќе пее во Сплит за 83.050 евра, во Осиек ќе настапи Прљаво Казалиште за хонорар од 60 илјади евра плус данок, во Пула Петар Грашо за 45.000 евра и Елементал за 12.500 евра, во Опатија групата Магазин за 28.000 евра.
Во Славонски Брод ќе пее Нина Бадриќ за хонорар од 45.250 евра, во Винковци ќе пеат Мејаши за 12.000 евра.
И останати градови од регионот уште пред неколку недели објавија детали за организираниот дочек, па така во Сараево ќе настапи Црвена Јабука, Цеца ќе пее во Херцег Нови, Харис Џиновиќ со Жељко Васиќ и Марина Висковиќ на плоштад во Белград, Карлеуша на плоштад во Крагуевац, Лепа Брена и Ацо Пејовиќ во Сава Центар во Белград, Владо Георгиев во Будва, Жељко Јоксимовиќ во Мостар…
Вики Клинчарова