Советот на Општина Центар не може да избере претседател, иако поминаа шест месеци од локалните избори кои се одржаа во октомври минатата година. Советот е составен од 23 советници, а распоредот по изборите е:
СДСМ – 9 советници
ВМРО-ДПМНЕ – 8 советници
Шанса за Центар – 3 советници
Левица – 3 советници
Бидејќи никој нема мнозинство, а нема ниту коалиција, Советот не може да се усогласи и да избере претседател. Обид за избор на претседател имаше во декември, но единствената која тогаш прифати да биде предложена за позицијата, Марија Среброва од Левица не беше изгласана.
Советничката од Шанса за Центар, Јана Белчева-Андреевска за „Фокус“ вели дека немањето претседател значи немање личност со целосна посветеност и одговорноста за организацијата на одлуките кои се предлагаат на Советот.
Со ова улогата на силен совет кој значи силен глас за интересите на граѓаните не е постигнато, има материјали полни грешки, недоречености или двосмислености, аналитика не постои, а се случува дури и Инспекторатот да одбива да присуствува на комисии или да се заканува на сами седници на Советот кон советниците.
Ако дополнително се погледнат и законите за локална самоуправа, практично ниту за неспроведување одлуки на Совет никој не одговара пред законот.
Коалиции има за да се поминат сите одлуки со зголемени, наместо намалени дискрециони права, финансиски извештаи без аналитика и заклучок за подобрувања, но и за да се одбијат нашите амандмани и предлози. Крајно поразително е што Советот не може да донесе ниту одлука за хуманитарна помош кон Украина, која вонредно ја баравме како советничка група од Шанса за Центар, но доволно ја релативизираа или ја пренасочија дискусијата да помошта не се изгласа, вели Белчева-Андрееевска.
Таа додава дека има нечесни игри од големите партии за да се обезбеди мнозинство со тројцата советници од Левица. Според Белчева, ставовите на Левица најчесто се чист популизам, без никаква суштинска длабочина или предлог базиран на докази, бројки или реалност за спроведување. Последиците од таквите површни, а гласни предлози не даваат никаков придонес кон квалитетот во Центар, смета таа.
На предлогот за референдум за Холидеј Ин, Левица додаде да биде тој спроведен со прашање дали граѓаните одобруваат поништување на ДУП, но сами да ги покријат финансиските штети со самопридонес?! Кој ќе гласа за такво прашање? Институциите направиле грешки и пропусти, донеле незаконски план за кој се води постапка од ДКСК во ОЈО, државата си го продала своето земјиште, со години ги оставила сопствениците на имот со мали приватни куќарки на немилост, не нудејќи решение. Дали некој денес референдумски би прифатил да гласа дека лично од својот буџет ќе ги покрие институционалните грешки?, вели Белчева-Андреевска.
И додека Советот нема претседател, се случуваат пожари на локации атрактивни за градење, а спорниот ДУП од 2012 година се уште е на сила. Според него, сопствениците на земјиште имаат право да поднесуваат дозволи за градење, а истите мора да бидат процесуирани.
К.С.Б.