Додека Таравари чека истрага за тендерите, Касами вели дека неговиот роднина бил општински донатор!

Лидерот на Беса и тетовски градоначалник, Биљал Касами, јавно се извини што се појави во луксузно BMW во сопственост на негов роднина, кој, како што рече, бил донатор на Општина Тетово и никогаш не добил тендер. Меѓутоа, како што пишуваше „Фокус“, тој соработувал со субјекти кои добиле многу вредни тендери од Општина Тетово. По објавување на оваа сторија, дел од опозицијата побара истрага, меѓутоа надлежните органи се уште не постапиле.

by vlatko 16:55
16:55

Лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, рече дека нема свој автомобил и дека користи автомобил на неговите родители и службен автомобил на Беса. Притоа, тој се извини што се појави со луксузно BMW вредно над 100 илјади евра на лидерската средба одржана пред еден месец во Клубот на пратеници.

– Се извинувам ако некој од граѓаните се почувствувал навреден – рече Касами на ТВ21, додавајќи дека автомобилот бил на негов роднина, кој, како што рече, дал донации за Општина Тетово и не добил никакви тендери или договори од општината во замена за овој придонес.

Како што објави „Фокус“, Касами го позајмил BMW-то од неговиот вујко Ракип Алии, кој воедно е бизнисмен, односно го поседува друштвото за бетонски елементи „Мурана Компани“.

Имено, „Мурана Компани“ била донатор на Општина Тетово заедно со изготвувачот на новиот ДУП за „ШИК Јелак“ – „Про-Инженеринг“, а донацијата се однесува на изградба на бунар за вода за пиење во тетовското село Фалиште, чија вкупна вредност е 1.920.000 денари.

Вујкото на Касами бил донатор на Општина Тетово заедно со изготвувачот на новиот ДУП за „ШИК Јелак“!

Воедно, пишувавме дека „Мурана Компани“ не добила тендери, но соработувала со компании што добивале тендери од Тетово, меѓу кои се субјектите од групацијата „Мујо-Ба“ поседувани од членови на семејството Бајрами, кои не кријат дека се симпатизери и поддржувачи на Касами и Беса.

Станува збор за друштвата „Мујо-Бајрами“, „Ереу-Транс“ и „Еко-Пеу“, кои, според податоците што ги обезбедивме, во периодот од 2022 година досега склучиле триесетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 6 милиони евра.

По објавувањето на оваа сторија, Алијанса за Албанците на Арбен Таравари побара надлежните институции да покренат истрага, бидејќи, како што велат, обелоденети се „сериозни и аргументирани сомнежи за клиентелистички, семејни и политички врски во постапките за јавни набавки во Општина Тетово и Општина Желино“.

„Во правна држава, сериозните индиции документирани и објавени во медиумите го обврзуваат Јавното обвинителство да постапи ex officio. Институционалниот молк и отсуството на реакција од страна на Општина Тетово само ги продлабочуваат сомнежите“, велат од АА.

Инаку, се обративме до Јавното обвинителство, но од таму досега не добивме одговор дали е оформен предмет за овој случај. Од Антикорупциската комисија, пак, не известија дека на нивна адреса не е доставена пријава, ниту е оформен предмет по однос на наводите изнесени во нашето прашање.

Поддржувачи и симпатизери на Беса и Касами добиле тендери од Општина Тетово вредни околу 6 милиони евра!

Влатко Стојановски

Слични вести