Текстот е објавен на 29 јануари 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.582.
Правното лице „Мурана Компани“ на Ракип Алии, близок роднина на тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Биљал Касами, се јавува како донатор на Општина Тетово, меѓутоа нема склучено договор за јавна набавка со оваа локална самоуправа. Сепак, достапните информации говорат дека „Мурана Компани“ соработувала со компании што добивале тендери од Тетово, меѓу кои се субјектите од групацијата „Мујо-Ба“ поседувани и управувани од членови на семејството Бајрами, кои не кријат дека се симпатизери и поддржувачи на Касами и Беса. Станува збор за друштвата „Мујо-Бајрами“, „Ереу-Транс“ и „Еко-Пеу“, кои, според податоците што ги обезбедивме, во периодот од 2022 година досега склучиле триесетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 6 милиони евра, при што над 90 отсто од нив се склучени со Општина Тетово, и тоа додека градоначалник е Касами. Проверките што ги извршивме покажуваат дека овие јавни зделки влијаеле и врз работата на фирмите, кои постигнувале раст и од над 200 отсто од година во година. По објавувањето на оваа сторија, дел од опозициските партии побараа истрага од страна на надлежните институции…
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
„Фокус“ веќе обелодени дека луксузното возило марка „бе-ем-ве“ во вредност од над 100 илјади евра, со кое тетовскиот градоначалник, лидер на Беса и еден од фронтмените на ВЛЕН, Биљал Касами, се појави на неодамнешната лидерска средба во Клубот на пратениците, е во формална сопственост на негов близок роднина и воедно бизнисмен.
Имено, станува збор за Ракип Алии, кој ја поседува „Мурана Компани“, основана уште во далечната 1998 година со седиште во Желино, чија основна дејност гласи „завршни градежни работи“. Од официјалната интернет-страница на оваа фирма, може да се види дека таа работи со производство на бетонски елементи и отворање бунари. Како што навеле од компанијата, носат „сигурност и ефикасност во секоја градба“.
Доколку се погледнат финансиските извештаи на друштвото, тогаш се доаѓа до заклучок дека тоа бележи постојан раст во последните неколку години, така што ако приходите во 2023 година изнесувале над 35 милиони денари, тогаш приходите во 2024 година надминале 51 милион денари, додека добивката се зголемила од 2 милиони денари во 2023 година на 12 милиони денари во 2024 година. Случајно или не, тоа се случува додека роднината на сопственикот на фирмата е градоначалник на Тетово.
Уште пред извесно време, се обративме до „Мурана Компани“ на Алии. Покрај другото, нè интересираше дали оваа фирма соработувала со Општина Тетово како изведувач избран по пат на тендерска постапка, но и дали била ангажирана како подизведувач од страна на избран изведувач, кој склучил договор за јавна набавка со Општина Тетово? Со оглед дека досега не добивме никаков одговор, се обидовме да стигнеме до бараните информации по друг пат.
ДОГОВОРИ ЗА ЈАВНА НАБАВКА
Според Бирото за јавни набавки, „Мурана Компани“ во изминатиот период соработувала со јавни органи. Притоа, најголемиот договор го склучила со Општина Липково под контрола на ДУИ. Односно, двете страни во 2023 година склучиле договор за „набавка и транспорт на префабрикувани бетонски плочки и тампон, сепариран материјал и ивичњаци“, во вредност од 26,7 милиони денари или 434 илјади евра.
Но, ако се прочепка малку подлабоко ќе се види дека компанијата на Алии соработувала и со општина која ја води кадар на Беса, чиј лидер е неговиот роднина Касами. Се работи за Желино, која во текот на 2021 година набавила канализациски цефки од „Мурана Компани“ и плус склучила договор за зимско одржување, така што двете набавки вкупно достигнуваат скоро 4 милиони денари. Како потписник на договорите од страна на општината се јавува Блерим Сејдиу од Беса, кој е градоначалник од 2017 година до денес.
Патем, вреди да се напомене дека Сејдиу моментално е еден од двајцата потпретседатели на Беса. За разлика од него, Касами го тера вториот градоначалнички мандат во Тетово, бидејќи тој загуби на локалните избори во 2017 година, меѓутоа успеа да стане градоначалник на следните избори во втората половина на 2021 година. Како што е познато, во првиот круг губеше од Теута Арифи од ДУИ, но во вториот круг победи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и АА…
Откога Касами стана тетовски градоначалник пред 5 години, не може да се најде договор за јавна набавка меѓу Тетово и „Мурана Компани“, но меѓу нив може да се лоцира еден поинаков конакт. Во текот на 2023 година, општината на чело со Касами донела одлука за прифаќање на донација од страна на компанијата на неговиот вујко Алии, како и од уште една фирма – „Про Инженеринг“. Во општинскиот Службен гласник број 12 стои дека Советот на Општината донел одлука за прифаќање на донацијата на овие субјекти.
ДОНАЦИЈА ЗА ИЗГРАДБА НА БУНАР
Всушност, донацијата претставува изградба на бунар за вода за пиење во тетовското Фалиште, чија вкупна вредност е 1.920.000 денари. Практично, Советот со кој претседавал Бесар Дурмиши исто така од Беса, кој по политичките промени стана министер за економија како кадар на Беса/ВЛЕН, го овластил градоначалникот Касами да склучи договор со давателот на донацијата од јавен интерес, со кој ќе се регулира намената и начинот на користење.
Интересен е фактот дека втората компанија-донатор – „Про Инженеринг“, ја изработува урбанистичката документација за новиот план кај „ШИК Јелак“, каде што дел од имотот го поседува контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, кој е на „црна листа“ на САД поради шверц и перење пари. Тоа буди интерес и од причина што веднаш откако Касами и Беса ја презедоа контролата врз тетовската локална самоуправа, тие го суспендираа планот што му дозволуваше на Дака да го „бетонизира“ овој дел на градот.
Непосредно по формирањето на старо-новата влада на СДСМ и ДУИ во 2020 година, тогашната локална власт во Тетово предводена од ДУИ, која имаше мнозинство во општинскиот Совет и од нејзини редови доаѓаше градоначалничка Арифи, донесе урбанистички план за „ШИК Јелак“, кој предвидуваше изградба 4 трговски центри и 27 седумкатници. Поточно, се предвидуваше градба на 230.000 квадратни метри, од кои 140.000 квадрати беа наменети за станови.
Армо ама, откако Касами победи на локалните избори една година подоцна, по што мнозинството го презеде Беса заедно со ВМРО-ДПМНЕ, Советот донесе одлука да го суспендира овој ДУП, по што започна постапка за носење на нов ревидиран план за истиот простор. Што се случи во меѓувреме? Тетовскиот Совет неколкупати прави делумна суспензија на ДУП-от, но веќе 4 години не носи нов план, иако временските рокови предвидени со Законот за урбанистичко планирање се одамна истечени?!
СОРАБОТКА СО КОМПАНИИ-ТЕНДЕРЏИИ
Во врска со процесот на укинување на постоечкиот и изготвување на нов урбанистички план кај „ШИК Јелак“ детално елабориравме во минатиот број на „Фокус“, кога, меѓу другото, изнесовме податоци за цела постапка и плус пренесовме сомнежи дека можеби крајната намера не е да се спречи изградба на „урбана џунгла“, туку да се пробие пат за нови играчи кои ги би имале главниот збор при идната градежна офанзива. Па, овојпат ќе се фокусираме на друг аспект.
Иако „Мурана Компани“ на Алии не добила тендер од Општина Тетово на чело со неговиот внук Касами, сепак, симптоматично ни беше тоа што не добивме одговор на прашањето „дали била ангажирана како подизведувач од страна на избран изведувач кој склучил договор за јавна набавка со Тетово“? Затоа, одлучивме да испитаме дали фирмата индиректно и посредно работела на општински проекти или јавно спонзорирани зделки.
Од проверките што ги извршивме произлегува дека компаниите што ги добиле најголемите тендери од Општина Тетово откако Касами стана градоначалник не настапиле во групација или конзорциум со „Мурана Компани“, ниту, пак, ја пријавиле како номиниран подизведувач, т.е. како дел од понудата со која настапувале на тендерите. Меѓутоа, тоа не ги спречува избраните изведувачи отпосле да ја ангажираат оваа или било која друга компанија за извршување на дел од работата.
Така, нашите дополнителни проверки покажаа дека самата „Мурана Компани“ на нејзината интернет-страница, како и на фејсбук-профилот, навела дека соработувала со компании што може да се сретнат на списокот на правни субјекти со кои соработувала Општина Тетово. На пример, меѓу нив е тетовската „Бибај Компани“, која на почетокот на 2023 година склучила договор со општината за изградба на улица (Иво Лола Рибар) во вредност од 4,2 милиони денари. Како што објавиле од „Мурана“, во соработка со „Бибај“ работеле на отворање столбови за потпорен ѕид на патот до тетовската бања.
ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ И ОПШТИНСКА ИНФРАСТРУКТУРА
Кога ќе се погледне официјалниот фејсбук-профил на „Мурана Компани“, пак, се доаѓа до нови сознанија за партнерствата на оваа компанија во сопственост на роднина на тетовскиот градоначалник. Во таа насока, друштвото во текот на 2024 година (24.08.2024) преку социјалната мрежа информирала на заеднички зафат со „Мујо Ба“. Во пакет со оваа објава, поставени се фотографии од изведба на линија од еден километар со бетонски елементи, што може да се претпостави дека претставува атмосферска канализација.
Што впрочем претставува „Мујо Ба“ и зошто е важно да се издвои од многуте субјекти со кои соработувала „Мурана Компани“? Одговорот е едноставен – под овој бренд дејствуваат неколку фирми кои имале и сè уште имаат плодна соработка со Општина Тетово. Згора на тоа, тие се во сопственост на едно семејство, чии членови важат за отворени поддржувачи и симпатизери на Беса и лидерот на оваа партија и тетовски градоначалник – Касами.
Инаку, на интернет-страницата mujo-ba.com стои дека „Мујо-Ба“ е „градежна и инфраструктурна компанија основана во 2010 година со јасна и долгорочна визија“. Од таму велат дека од локална иницијатива прераснале во доверлив партнер на приватни инвеститори, но и јавни институции. Нивната работа, како што истакнале, опфаќа производство на бетон, изградба на згради, но и општинска инфраструктура.
„Комбинираме практично искуство, модерна механизација и дисциплинирано управување со проекти. Секој проект, без разлика дали станува збор за нова станбена зграда, соседски пат или јавен објект, се работи со ист фокус на квалитет, безбедност и одговорност “, порачуваат од „Мујо-Ба“, додавајќи дека со овој бренд се поврзани 4 компании: „Мујо-Ба“, „Ереу-Транс“, „Еко-Пеу“ и „Еко-Енерџи“.
СЕ ПАСИВИЗИРАЛА ЕДНА, СЕ ОТВОРИЛА ДРУГА ФИРМА
Имајќи предвид дека очигледно е оти „Мујо-Ба“ работи на јавни проекти, штом самата фирма споменува фрази од типот на „јавни институции“, „јавен објект“ и „општинска инфраструктура“, решивме да истражиме која е оваа компанија, како е поврзана со другите фирми од истата групација и на какви проекти спонзорирани со јавни пари тие работеле? Плус, кои луѓе стојат позади нив и дали/какви политички преференци имаат?
Во системот на Бизнис мрежата не успеавме да пронајдеме правно лице „Мујо-Ба“ кој работи од 2010 година, како што стои на официјалниот сајт на компанијата. Но, може да се најдат 2 компании со ист или сличен назив, кои се основани пред или по 2010 година. Едната од нив е истоимениот субјект „Мујо-Ба“, основан на крајот на 2007 година со седиште во тетовското село Порој, со дејност – изградба на објекти од нискоградба.
Независно што оваа фирма се уште формално постои во Централниот регистар, сепак, таа одамна нема деловна активност. Патем речено, има блокирана банкарска сметка, а евидентиран е и долг кон Управата за јавни приходи. Официјалните податоци говорат дека фирмата има долг по основ на данок на добивка во износ од 1,8 милиони денари. Како нејзин единствен сопственик и воедно управител се јавува Мухарем – Мујо Бајрами.
Во меѓувреме, формирана е друга компанија што го носи името на Мујо Бајрами, која е во сопственост на негов близок роднина. Тоа е друштвото „Мујо Бајрами“, основано во 2011 година со седиште во Тетово, чија основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради. Како сопственик и управител на оваа компанија се јавува Џемал Бајрами, брат на Мујо Бајрами. За разлика од „Мујо-Ба“, „Мујо-Бајрами“ денес активно работи на пазарот.
ТРИ ЗДЕЛКИ ВО ЕДЕН МЕСЕЦ
Финансиските извештаи на „Мујо-Бајрами“ покажуваат дека во 2024 година остварила приходи од над 70 милиони денари, а добивката изнесувала над 16 милиони денари. Доколку се направи анализа ќе се констатира дека компанијата остварила исто ниво на приходи во претходната 2023 година, меѓутоа се забележува дека тие биле највисоки во 2022 година, кога достигнале пик од 126 милиони денари. Токму во оваа година фирмата склучила неколку договори за јавна набавка, и тоа сите со Општина Тетово на чие чело тукушто застанал Касами.
Според податоците од БЈН, двете страни склучиле 3 договори во ист месец (јули 2022 година). Тие се однесувале за пополнување на ударни дупки и одржување и реконструкција на улиците во Тетово и патната мрежа на планинските села, за изградба и реконструкција на јавно осветлување и за набавка на репроматеријали за улично осветлување. Нивната вкупна вредност била 26 милиони денари или околу 422 илјади евра.
Она што паѓа в очи е дека „Мујо-Бајрами“ по оваа 2022 година не добила ниеден тендер, но тоа не може да се каже за другите компании што функционираат под истиот бренд и се поседувани и управувани од членови на семејството Бајрами. Тоа особено важи за 2 веќе споменати друштва – „Ереу-Транс“ и „Еко-Пеу“, кои во изминатиот период оствариле исклучиво продуктивна соработка со Општина Тетово. Колку „тежи“ оваа соработка?
Што се однесува до „Ереу-Транс“ и „Еко-Пеу“, прво треба да се посочи дека првата е во сопственост на Џарије Бајрами, сопруга на Мујо Бајрами, додека втората е во сопственост на уште еден негов брат – Хазир Бајрами. Освен што тие се во блиска роднинска врска, заедничко за овие 2 компании е тоа што се формирале во 2021 година. Или прецизно – тие се основани во мај 2021 година или само неколку месеци пред да се одржат локалните избори, на кои нов тетовски градоначалник стана Касами.
БЛОКИРАНА БАНКАРСКА СМЕТКА
Како што веќе посочивме, веднаш откако доаѓа до промена на локалната власт во Тетово кон крајот на 2021 година, а следната 2022 година е прва цела година од градоначалничкиот мандат на Касами, О.Тетово истовремено склучува 3 договори за јавна набавка со „Мујо-Бајрами“ во вкупна вредност 422 илјади евра. Практично, тоа се и последните договори меѓу овие две страни, но веќе од следната 2023 година општината почнува да соработува со другите 2 фирми на семејството Бајрами. Да почнеме со „Ереу Транс“…
Оваа компанија за изградба на патишта и автопатишта со седиште во Порој склучила 13 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност е над 142 милиони денари или околу 2,3 милиони евра. Првиот и воедно најголем договор го склучила со О.Тетово на средината на 2023 година (23.06.2023) за изградба на булеварот Видое Смилевски-Бато во вредност од околу 67 милиони денари или милион евра. Во „конкуренција“ со уште 4 компании, меѓу кои и поврзаната „Еко-Пеу“, „Ереу-Транс“ излегол како победник, што не би било можно ако општината предвидеше извршени договори од ист вид како услов во тендерската документација.
Покрај тоа, двете страни во изминативе години склучиле договори за реконструкција на улица Ленин од 15,5 милиони денари, за реконструкција на крак од Саво Тасевски од 12 милиони денари, за пополнување на ударни дупки и реконструкција на локални улици од 12 милиони денари, за реконструкција на улица 185 од 5 милиони денари, за реконструкција на Цветан Димов од 3 милиони денари… Во овој дел може да се издвои и договорот со Желино за реконструкција на локален пат во Долна Лешница од 5,3 милиони денари.
Колку за информација, првата година од формирањето во 2021 година, односно 2022 година „Ереу-Транс“ ја завршува со приходи од 1,7 милиони денари, додека веќе во следната 2023 година прави скок на 25 милиони денари, за 2024 година да ја заокружи со 61 милиони денари. Овој раст на друштвото, кое почнало со еден вработен, а последно има регистрирано 8 вработени, дефинитивно се должи на договорите за јавна набавка, при што убедливо доминираат оние со Тетово. Моментално, компанијата има блокирана банкарска сметка.
РАСТ ОД НАД 200 ОТСТО
Уште повеќе договори за јавна набавка има склучено поврзаната „Еко-Пеу“, основана со седиште во Тетово со дејност – изградба на патишта и автопати. Првиот тендер компанијата го добила на почетокот на 2023 година, кога склучила договор со О.Тетово за зимско одржување на патната мрежа на територијата на општината во вредност 3,4 милиони денари. Потоа почнале да се редат бројни договори со тетовската локална самоуправа, кои достигнувале многу повисока вредност.
Во текот на 2023 година, „Еко-Пеу“ и Тетово го склучиле и највисокиот договор од нецели 36 милиони денари или околу 585 илјади евра за изградба на обиколница Лисец-Попова Шапка. И во овој случај имало необична конкуренција, бидејќи меѓу 6 учесници била „Ереу-Транс“, која е персонално роднински поврзана со „Еко-Пеу“. Исто така, и овде не се барал одреден број и вид на реализирани договори како услов, туку единствено се барало соодветна лиценца, мининален број на вработени и алфалтна база на располагање, што фактички и овозможила на релативно нова компанија да ја добие вредната зделка.
Понатаму, „Еко-Пеу“ и О.Тетово во изминативе години склучиле договор за изградба на булевар Борис Кидрич од 18,5 милиони денари, за реконструкција на улица Киро Ристоски од 15 милиони денари, за реконструкција на улица Александер Јовановски-Журчин од 12 милиони денари, за реконструкција на улица 113 од 11 милиони денари, за изградба на нова улица од 10 милиони денари, за пополнување на ударни дупки од 7,4 милиони денари итн. Севкупно, лоциравме 31 договор за јавна набавка кои „Еко Пеу“ главно ги склучила со Тетово, чија вкупна вредност изнесува околу 215 милиони денари или 3,5 милиони евра.
И „Еко-Пеу“ бележи раст во обемот на работа по формирањето, што се должи и на соработката со О.Тетово. Доколку компанијата во 2022 година остварила приходи од 9,4 милиони денари, веќе во следната 2023 година остварува приходи од 28,6 милиони денари, за во 2024 година да стигне до приходи од 91,6 милиони денари. Додека остварувало раст во приливите од над 200 отсто од година во година, во овој период друштвото скокнало од 1 на 8 вработени.
ПРАШАЊА БЕЗ ОДГОВОРИ
Кога сето тоа ќе се земе во обѕир, може да се подвлече дека откако „Мујо Бајрами“ добила 3 тендери од О.Тетово во 2022 година вредни 422 илјади евра, во следните години на сцена настапуваат други 2 поврзани фирми – „Ереу-Транс“ и „Еко-Пеу“, кои склучиле вкупно 34 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 5,8 милиони евра. Односно, трите компании на семејството Бајрами од 2022 година до денес склучиле договори за јавна набавка во вредност од над 6 милиони евра, и тоа најмногу со О.Тетово предводена од Касами.
Да биде уште поиндикативно, членовите од семејството Бајрами не ги кријат симпатиите кон Касами и Беса. Во тој контекст, на социјалните мрежи може да се најдат дузина фотографии од Мујо Бајрами со Касами и други функционери на Беса, додека неговиот брат Џемал Бајрами е сликан на собир со партиски активисти во Порој. За тоа пред извесно време реагираа и од ДУИ, од каде потенцираа дека милиони евра од буџетот на Тетово се слеани на сметките на „Ереу-Транс“ „Еко-Пеу“ и „Мујо-Бајрами“.
„Овие фирми добиле тендери исклучиво од О.Тетово и од ниту една друга институција. Уште поинтересен е фактот што 2 од овие фирми имаат само по 1 вработен, а на тендери добиле милиони евра. Сомнежите се уште поголеми и поради тоа што овие фирми се регистрирани за сосема различни дејности од работата што според договорот потпишан меѓу нив и Општина Тетово се обврзани да ја вршат“, обвинија своевремено од ДУИ, додавајќи дека сопствениците на фирмите не ја кријат поврзаноста со раководството на Тетово и Беса.
За потребите на оваа сторија, „Фокус“ се обрати до О.Тетово и до трите компании на семејството Бајрами. Но, до затворањето на овој број на весникот не добивме одговори на прашањата поврзани со блискоста на семејството Бајрами до Беса, за договорите склучени со О.Тетово, за соработката со „Мурана Компани“ на вујкото на тетовскиот градоначалник Касами… Исто така, упативме прашање и околу мотивите за донацијата на друштвото „Мујо Бајрами“ до О.Тетово од 695 илјади евра за патна инфраструктура во Порој непосредно пред ланските локални избори, кога Касами го доби вториот градоначалнички мандат, но и за тоа изостана објаснување!
Вујкото на Касами бил донатор на Општина Тетово заедно со изготвувачот на новиот ДУП за „ШИК Јелак“!
Невладините и партиите обвинуваат за „бетонизација“
„МУЈО-БА“ СОРАБОТУВАЛА СО ВУЈКОТО НА КАСАМИ, НО И СО КОМПАНИЈА КОЈА ГРАДИ ЗГРАДИ
На официјалната страна на „Мујо-Ба“ се наведени низа реализирани проекти од страна на фирмите на семејството Бајрами, при што има и приватни и јавни проекти.
Па така, „Мујо-Ба“ нотирал дека работел и на уништување на депонија за потребите на клиентот „Еластан“, компанија во сопственост на Дашмир Алии, која периодов е мета на реакции поради изградба на згради низ Тетово.
Имено, медиумите неодамна известија дека поранешниот имот на „Тетово Табак“ ќе стане модерен станбен комплекс, откако инвеститорот „Еластан“ добил зелено светло од Советот на Тетово, што резултираше со промени во Генералниот урбанистички план и во Деталниот урбанистички план.
Притоа, „Порталб“ пишуваше дека процедурата не била транспарентна, а земјиштето од 6.817 квадратни метри било продадено по 70 денари по квадратен метар.
Во октомври 2022 година, „Тетово Табак“ побарал трансформација на државното земјиште во приватно, а истата година „Еластан“ започнал со подготовки за промена на намената на планот од индустриска во станбена, за во 2024 година општинскиот Совет го одобри планот.
На тој начин, инвеститорот купил земјиште по цена за индустриска зона за само 7.759 евра, но подоцна стекна право да гради 4 згради со над 2.000 станбени единици, чија вредност се проценува на околу 5 милиони евра.
Додека дел од партиите и граѓанските организации критикуваат, лани беше известено дека веќе ќе се гради втората зграда. Патем, „Еластан“ се јавува како инвеститор, додека на градежната табла стои дека изведувач е „Про Инженеринг“, која го изготвува планот за „ШИК Јелак“.
За потсетување, „Фокус“ веќе пишуваше дека „Про Инженеринг“ се јавува како донатор на Општина Тетово заедно со „Мурана Компани“ во сопственост на Ракип Алии, роднина на тетовскиот градоначалник Биљал Касами. Деновиве, пак, „Мурана Компани“ објави дека привршуваат работите за отворање на заеднички канцеларии со „Про Инженеринг“.
Оттука, по разни точки може да се најдат конекции меѓу повеќе тетовски компании, кои имаат директни и индиректни линкови со Касами, Општина Тетово и партијата Беса. Дел од нив имаат плодна соработка со локалната самоуправа, а дел активно се вклучени во градежниот бизнис.
„Долината на волците“ на тетовскиот градоначалник
КАСАМИ БИЛ ВО ОДБОРОТ ЗА ПРЕЧЕК НА ТУРСКИОТ АКТЕР, КОЈ ГО ГЛУМЕШЕ ПОЛАТ АЛЕМДАР
Денес, Биљал Касами и Африм Гаши се партнери во коалицијата ВЛЕН, но не така одамна тие беа во жесток конфликт, кога изби расколот во политичката партија Беса, како резултат на кој потоа се формираше Алтернатива.
Во тоа време, некои портали на албански јазик објавуваа текстови и сатирични наслови во правец дека Касами се однесувал во стилот на Полат Алемдар од популарната турска серија „Долина на волците“, које се емитуваше во земјава.
Инаку, позадината за ваквите споредби меѓу Касами и Алемдар потекнуваат од периодот кога турскиот актер што го играше овој лик ја посети земјава и беше гостин во Скопје, Тетово и Гостивар.
Тогаш, Касами бил дел од организацијата која била задолжена за настанот, па дури на интернет и денес може да се најдат фотографии од Касами и актерот Неџати Шашмаз, кој го играше славниот Алемдар.
Откако Касами се појави со луксузното BMW во Клубот на пратеници, кое се испостави дека го позајмил од негов роднина и воедно бизнисмен, повторно во јавноста се појавија коментари од типот дека Касами се однесува како неговиот идол, а меѓу оние што ја правеше оваа споредба е и аналитичарот Љуљзим Фаризи.
–Видовте дека најголемите вести не беа што се преговарало, туку со каква кола отишол (на лидерската средба) Биљал Касами. Замислете, претседател на партија и градоначалник на општина оди со кола од 100-150 илјади евра, најскапата кола од сите коли присутни.
Кога ќе гледаш таков лидер како ги застапува своите гласачи мислиш дека тој е претседател на Њујорк и има 20 милиони гласачи, а нема ни 20 илјади гласачи, и мислиш дека има општина со буџет од 20 милијарди евра, а 20 милиони евра е во борч.
Што да кажеш за вакви лидери да застапуваат една група гласачи, со таква кола таму да се привиш како од тие филмовите, како Полат Алемдар, зашто со него се сликаше во еден период кога присуствуваше тука… – рече Фаризи.
Луксузното BMW со кое се појави Касами е во сопственост на негов роднина и бизнисмен!