Во скопско Трубарево денеска се случила вистинска драма, кога полицијата бркала двајца осомничени за дрога. Додека траела бркотницата, осомничените, кои бегале од полицијата, со автомобилот удриле во воз.
-Денеска околу 10 часот во село Трубарево-скопско, полициски службеници забележале возило „пасат“ со скопски регистерски таблици и две лица, кои влегле во возилото и се дале во бегство кон рампа Хиподром, при што удриле во вагон од воз кој сообраќал по железничката пруга.
Лицето кое било на совозачкото место се дало во бегство, а возачот додека излегувал од возилото фрлил една кеса и едно пакување со 112 таблети екстази, една кеса со 1.000 таблети екстази и една кеса со 750 таблети екстази, 80 грама амфетамин и пет грама сива кристална материја.
По извршеното легитимирање, констатирано е дека лицето е Х.М. (43) од Скопје, а по извршен преглед на возилото пронајдени се и 800 грама марихуана и една дигитална вага. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од МВР.