Земјиштето кај поранешната фабрика „Треска“ повторно се акутелизираше откако во четвртокот таму изби пожар. Претходниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, лани летото распиша јавен конкурс за идејно решение според кое треба да се изработи новиот ДУП за овој локалитет.
Во ноември беше избрано идејното решение според кое треба да се изработи новиот ДУП, но изработката се уште не е започната. Општина Центар го раскинала договорот со планерската куќа која треба да го прави новиот ДУП поради „непочитување на договорот“.
Сега во процедура е избор на нова планерска куќа. И додека постапката е во тек, на сила е спорниот ДУП донесен во 2012 година од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше под мораториум, но потоа истиот беше укинат.
Според овој ДУП, локалитетот е поделен на шест градежни парцели и се предвидува изградба на триесетина згради.
Од Општина Центар за „Фокус“ велат дека досега се пристигнати три барања за издавање на дозволи за градба кај „Треска“. Барањата се однесуваат за градежни парцели со намена А2 – домување во станбени згради, со катност П+5+Пк. (приземје + пет ката + поткровје).
Од Општината одбија да одговорат до каде е стигната постапката за овие барања и дали се близу до издавање дозволи за градба. Не се открива ниту за колку згради се бара дозвола за градба.
Затоа што се работи за управни постапки, во моментов не можеме да ви дадеме повеќе податоци, велат од Општината.
Но, велат дека додека не се донесе нов ДУП, на сила е стариот и тие се должни да постапуваат по него. По истиот ДУП ќе треба да издадат и одобрение за градба, доколку барањата ги исполнуваат условите.
Советничката од редовите на „Шанса за Центар“, Јана Белчева-Андреевска вели дека според одлука на претходниот Совет на Општина Центар, просторот од тој опфат треба да се разработува посебно од планот за Буњаковец и да се реши според идеите од наградениот конкурсен труд.
Но, токму овде се гледа самоволноста и непочитување на одлуки на Совет од страна на службите и градоначалникот. За нив планот од 2012 со сите законски прекршувања се смета за законски, а оној за кои има поинаква одлука на Совет се занемарува, вели Белчева-Андреевска.
Таа додава дека сега е важно сите институции да ги потврдат или негираат првичните информации дека пожарот кој изби во четвртокот е подметнат.
Планирањето нема поврзаност со пожарот, но пожарот има поврзаност со реализацијата на замислите на оние кои сметаат дека имаат права, пари и посед, но не и одговорност, заклучува Белчева-Андреевска.
К.С.Б.