(АРХИВА) Додека Русковска и Муареми се во „ринг“, криминалците оро водат

Веќе три години трае „конфликтот“ помеѓу шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, и првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. Обвинителката бара од Муареми поголема заинтересираност и ажурност, додека пак, Муареми се жали на опструкции. Она што е јасно е дека додека тие се во „рингот“, на слобода шетаат високопрофилираните криминалци!

by fokus

Пишувала: Валентина ВУРМО

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми веќе подолго време се на „ратна нога“. Од време на време ќе фрлат отровна стрела еден кон друг, испраќајќи порака дека двете институции не се во дослух, односно никако да успеат организирано да се борат против организираниот криминал.

И додека си ја префрлаат топката на вина, поените одат на сметка на здружените криминалци, кои излегуваат победници од институционалниот двобој.

МУАРЕМИ СЕ ЖАЛИ ДЕКА НЕМА ПОДДРШКА ОД РУСКОВСКА

За недоразбирањата, пред околу две години, прва проговори обвинителката Русковска, која тогаш ја искритикува Управата дека слабо си ја врши работата, односно не им испорачувале предмети за вмешани функционери во финансиски криминал.

Обвинителството од Управата очекува, како и МВР, да открива финансиски криминал, а тие потоа да ги насочуваат каде да продолжат да „копаат“.

Директорот Муареми, пак, беше изненаден од изјавата на обвинителката, реплицирајќи дека работеле на случаи со профил од висока корупција. Сепак, и тој не остана покус, па се пожали на соработката, односно дека до 2019 година  имале поголема поддршка.

Дека ситуацијата и денес е статус кво повторно сведочи директорот Муареми.

-Со ЈО имаме добра соработка, но со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција не сме имале добра соработка. Сепак, ние не се предаваме и упорни сме да го добиеме сето она што ни е потребно и во наша надлежност, за да си ја завршиме нашата работа, вели Муареми.

Тој појаснува дека не знае која е причината за слабата соработка.

-Овие две- три години размислував каде се проблемите, но не можам да извлечам заклучок. Дали е системски или личен не знам, но секако, дека тоа не оди во полза на правната држава, само во полза на криминалците, истакнува Муареми.

Директорот потенцира дека за повеќе предмети побарале помош од Организиран, но не ја добиле.

-Во одредени предмети не ја добиваме поддршката, ние сме на иста линија и треба да имаме меѓусебна соработка, заклучува Муареми.

РУСКОВСКА: НЕ ЈА „ЗАТВОРАМЕ ВРАТАТА“

Обвинителката Русковска, пак, вели дека инспекторите од Управата не наишле на затворена врата во Обвинителството, но дека во нивна надлежност е да откриваат корупциски случаи.

-Соработката на обвинителите од ОЈО ГОКК со УФП се одвива на професионално ниво. Сите известувања и/или кривични пријави пристигнати од УФП се земени во работа и обвинителите постапиле или постапуваат по нив. Воедно, ниту еден инспектор кој се обратил до ОЈО ГОКК не наишол на „затворена врата“. Обвинителите секогаш излегуваат во пресрет, даваат насоки, издаваат наредби, а УФП се тие што треба понатаму ефикасно и ефективно да постапат. Впрочем, во нивни раце и во рацете на МВР е да ги откриваат кривичните дела, особено кога станува збор за кривични дела од коруптивна природа, ни изјави обвинителката Русковска.

На нашето прашање, дали несоработката се должи на професионално несогласување или пак, можеби за лично недоразбирање, шефицата на организиран повторно ја оценува работата на Управата.

-Како што веќе напоменав не можеме да генерализираме, соработка постои, можеби не во доволна мера колку што на пример ние би сакале. Да појаснам, сведоци сме дека секојдневно во јавноста се открива некој коруптивен скандал и веднаш очите се вперени во постапувањето на ОЈО ГОКК. Но, за да се отвори предмет потребно е најпрвин некој да дојде до некаков доказ, нешто да открие на што ќе може да се гради предмет. Оваа улога ја имаат УФП и МВР, тие се најповикани за да имаме издржан предмет што ќе има и разрешница, вели Русковска.

Таа појаснува дека очекуваат нешто да сработат и другите институции, а не очите да бидат вперени само во ова обвинителство.

-Верувајте дека колку и да сакаме, во услови на кадровските ограничувања со кои се соочуваме, невозможно е да се очекува за сѐ што ќе излезе во јавноста да отвораме предмет по допрен глас, затоа логично е да очекуваме најпрвин нешто да сработат службите од другите институции задолжени за откривање на криминал, да состават известувања, иницијативи или кривични пријави поткрепени со докази и потоа обвинителите од ОЈО ГОКК да продолжат заедно со нив. На крајот успехот ќе биде заеднички за сите подеднакво, истакнува Русковска.

КАЛАЈЏИЕВ:  БОРБА НА НЕКОМПЕТЕНТНИ СУЕТИ

Кога ја потсетивме обвинителката дека пред две години изјави дека Управата испорачува многу малку предмети поврзани со перење пари, таа додава дека впечатокот сѐ уште не и е сменет.

-Истото го изјавив и на крајот на минатата година. Впечатокот е идентичен со години, добиваме околу десетина предмети годишно од УФП. Повеќето од нив завршуваат, или на надлежност во друго обвинителство, или со наредба за запирање на постапка, или отфрлање на кривичното гонење. Воедно, честопати се случува информацијата за одреден кривично правен настан да ја добиеме од медиумите кои следеле прес конференција на УФП, а пријавата да пристигне со недели подоцна, децидна е Русковска.

Управата за финансиска полиција е формирана во 2003 година, со донесување на Законот за финансиска полиција. Таа е под капата на Министерството за финансии.

Институцијата беше формирана со идеја да се зајакне борбата против организираниот финансиски криминал, односно заштита на националните финансиски интереси, како и заштита на Европските фондови во државата.

„Управата за финансиска полиција со својата улога претставува брана за финансискиот криминал во, а со поактивна борба против финансискиот криминал како и со зголемување на обемот на финансиски истраги односно пронаоѓање, идентификација и привремено одземање на нелегалните приноси стекнати од казниви дела ќе придонесе за нивна понатамошна конфискација од надлежниот суд“.

И еден поранешен обвинител, а сега адвокат, појаснува дека улогата на Управата е откривачка, но истакнува и дека двете институции мора да соработуваат за да има резултати.

-Меѓусебната соработка е неопходна. Управата има откривачка улога, да го храни обвинителството со докази, а тоа пак треба да им го отвара патот и ги насочува. Мора да постои симбиоза. Таман работа ако имаат лоша соработка, тоа ќе им оди во прилог само на сторителите на кривични дела, вели нашиот соговорник.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев вели дека за да нешто функционира треба да има професионалност, а за жал, како што додава, кај нас се е лук и вода.

-Не е логично овие две институции да не соработуваат, со оглед на тоа што не само со закон, туку и по сила на приликите тие се упатени на соработка ако сакаат да имаат резултати! Инаку Обвинителството уште и теоретски може да функционира без Управата за финансиска полиција, но обратно не може. Професионалноста е најбитна за еден систем да функционира како што треба, а кај нас тоа е лук и вода. Непрофесионален однос, борба на некомпетентни суети и ете фијаско на системот што и не е систем, ни изјави професорот Кајалџиев.

КОГА ИМ ИСТЕКУВА МАНДАТОТ НА МУАРЕМИ И РУСКОВСКА?

На прв поглед се добива и впечаток дека надлежностите на Управата за финансиска полиција и МВР се испреплетени, бидејќи и во двете институции се истражува перење на пари, корупција… Токму затоа имало и случаеви кога и Управата и МВР работат на ист предмет. Но, според Русковска тоа не е проблем.

Да, постојат случаи, но пракса е доколку се потврди паралелно постапување да продолжи онаа институција која е чекор понапред во истражувањето и прибирањето на доказниот материјал, појаснува обвинителката.

На прашањето дали можеби треба да се прецизира надлежноста на Управата, таа вели дека тоа не е потребно.

Улогата и надлежностите на УФП се пропишани со закон и тоа е во ред, потребно е само да бидат поотворени и да ја слушаат јавноста и врз основа на индициите што кружат и доаѓаат до нив да ги истражат. А, доколку утврдат кривично дело да нѐ известат со цел да добијат понатамошни насоки, истакнува обвинителката.

Муареми, на директорското столче на Управата седна во 2017 година, откако претходно работеше како истражител во СЈО, но и како инспектор во финансиска полиција.

Неговиот 4 –годишен мандат заврши неодамна, по што беше назначен за в.д. директор. Тој верува дека повторно ќе биде избран на челната позиција, бидејќи како што вели, има уште многу да придонесе и да сработи во борбата против криминалот.

Според законската процедура, директорот на Управата го именува и разрешува Владата, на предлог на министерот за финансии, во случајот Фатмир Бесими.

Како што дознава „Фокус“ од извори од ДУИ, и таму засега немаат намера да го сменат Муареми, односно дека најверојатно ќе добие уште еден мандат, иако директорот не важи за близок до оваа партија.

Мандатот на шефицата на организиран, Русковска, пак, истекува во ноември годинава. Таа во една прилика изјави дека нема да се бори за нов мандат, односно да конкурира, бидејќи според новиот Закон за јавното обвинителство, единствено шефот на организиран ќе се избира на непосредни избори.

Русковска во моментот има други грижи,бидејќи веќе еден месец работи со пет обвинители помалку, на кои им заврши мандатот.

Изборот на нови обвинители, пак, постојано се развлекува, поради што најважното обвинителство буквално е со врзани раце.

Повеќе од јасно е дека на властодршците воопшто не им одговараат силни и независни институции кои ќе се обидат да ги стават зад решетки. Затоа и во прилог им одат ваквите недоразбирања меѓу челните луѓе кои би треба да ги гонат. Или како што вели народот: „Додека двајца се караат, третиот користи“!

ЈОВЕСКИ: НЕОПХОДНА Е СОРАБОТКА И ПОЧИТУВАЊЕ

За „конфликтот“ меѓу Русковска и Муареми и разнишаната соработка на двете институции го прашавме и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Тој вели дека за ефикасна борба со криминалот соработката е неопходна.

-Надлежните органи за истражување на организираниот криминал и корупцијата и за гонење на сторителите на овие кривични дела, треба да соработуваат и да се раководат од интересот на граѓаните и на државата. За ефикасна борба со криминалот и корупцијата неопходно е отворено и транспарентно работење и меѓусебно почитување и соработка. Тоа е вистинскиот начин и за јакнење на довербата на граѓаните во работата на државните органи и институциите, ни изјави обвинителот Јовески.

 

 

Поврзани новости