Откако на 26-ти октомври на владина седница се дозволи работа на барови, ноќни клубови и дискотеки, во затворен дел на објектите со 50 проценти исполнетост на капацитетот на просторот, регионалните, но и наши музичари започнаа со редовните настапи за време на викендите.
Едита, Џенан Лончаревиќ, Легато Бенд, Ѓоко Јовиќ, Диџеј Леа, Скандал Састав и уште многу други музички гости за време на изминатите викенди ги преполнија клубовите во земјава. Но, ако според препораките на Министерството за здравство, дозволена е работа на клубовите со преполовен капацитет и со потврда за извршена вакцинација, односно примена барем една доза од вакцината против Ковид-19, она што можеше да се види од објавите на гостите е дека во никој случај не се почитуваат препораките за дистанца помеѓу посетителите, кои во огромен број, како во време пред пандемијата се туркаат пред сцените на кои настапуваат нивните музички идоли.
Видео снимки и фотографии на кои во затворен простор се забавуваат и играат огромен број на луѓе, без одржување на дистанца се актуелни секој викенд откако се дозволи работа на клубовите. Од една страна забавите, од друга страна секојдневниот раст на новоинфицирани со вирусот, и додека поради четвртиот бран во регионот се носат дополнителни мерки за заштита, кај нас се носат музички гости од странство.
Слична беше состојбата и кон крајот на јули и почетокот на месец август, кога Македонија беше собирно место на сите познати музички имиња од соседството, кои одржуваа концерти во преполни клубови и дискотеки, без почитување на протоколи, кога наместо 1.000 се случуваше да се настапува и пред неколку илјади луѓе. Според епидемиолози од земјава, кои целото време предупредуваа да се воведе ред и да не се заборава дека сме среде пандемија, токму тие забави беа причина земјава да влезе во нов бран порано од другите, а бројките на нови случаи започнаа да растат уште на почетокот на август.
И покрај тоа што од Министерството за здравство известуваат дека се намалува старосната граница на заразени од вирусот кои развиваат тешка слика на болеста, и младите се на удар на четвртиот бран, најава за нови мерки или пак рестрикции кога се клубовите во прашање, нема. Единствениот владин заклучок донесен во октомври е дека од 15-ти ноември за влез во ноќни клубови и угостителски објекти ќе мора да се приложи документ за примени две вози од вакцината против корона вирус.
За споредба, во Словенија од денес стапија на сила нови мерки, според кои се ограничува работното време на угостителски објекти, а се затвораат ноќните клубови и дискотеки. Србија пак, го скрати работното време на угостителските локали, а учениците добија продолжен есенски распуст и ќе се вратат во училишните клупи наредниот понеделник. Во Бугарија уште од пред два месеци е ограничено работното време на ресторани, клубови и обложувалници, а семејни забави во затворен простор се дозволени со најмногу 30 гости.
И Хрватска од пред три дена воведе нови мерки и ограничувања. Во Косово забранета е работата на ноќни клубови и организирањето на веселби, а угостителските локали работат до 23 часот.
Вики Клинчарова