Црниот пантер кој слободно се движел во Апатин, Србија, се уште не е пронајден, и додека веста за предаторот е актуелна тема, регионот се сеќава на случајот од Црна Гора, кога тигар чуван како милениче и ја одгриза раката на мајката на сопственикот. Настанот за кој во 2007 година пишуваше цел Балкан се случи во Сутоморе, во домот на Стојан Секуловиќ, кој чувал пар сибирски тигри на својот имот.
Неговата мајка Славка, додека ги хранела, се сопнала и паднала близу кафезот, по што едниот тигар целосно и ја одгризал десната рака, до рамото. Жената која изгубила многу крв во состојба на шок била пренесена во болница, а по повеќе хируршки интервенции, животот и бил спасен. Околу тоа како пар од ретките и со закон заштитени сибирски тигри завршил во Сутоморе, тогаш се огласи и тамошното Министерство за внатрешни работи.
Имено, Секуловиќ со уште две лица влегол во земјата преку див премин, со комбе во кое биле сместени два кафези, со тигрите внатре. За време на сослушувањето, тој изјавил дека планирал во Сутоморе да отвори зоолошка градина, а животните ги добил на подарок од лице од Приедор, и истите биле заведени во тамошната зоолошка градина.
Поради тоа што во тој период во Црна Гора никаде немало услови за сместување на тигрите, тие му биле вратени на увозникот, Секуловиќ. Што се случи потоа со сибирските тигри, кои се ретки животни и во светот ги има околу 700, и дали Секуловиќ по немилиот настан ја отвори зоолошката градина, не беше соопштено.
Вики Клинчарова