Додека Палчо чека екстрадиција, „Десна“ се подготвува за избори: Како осомничен за двојно убиство формираше партија?

„Фокус“ обезбеди документација, која открива како течела формалната постапка за формирање на оваа партија, на какви постулати таа се темели и какви промени се случиле во изминатиот период.

by Фокус

На преминот од 2022 кон 2023 година се формира политичката партија „Десна“, а за прв претседател е избран Љупчо Палевски-Палчо. По двојното убиство на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, партијата го замрзна членството на Палевски и другите осомничени, а за нов в.д. претседател е избран Тони Алексовски. Ако на почеток новото партиско раководство беше повнимателно во однос на грозоморното убиство, сега веќе говорат за политички монтиран случај против Палчо, но и за заговор против партијата. Наспроти повиците на власта дека партијата треба да биде дерегистрирана, таа веќе се обиде да исфрли претседателски кандидат, додека истовремено најавува дека ќе учествува на претстојните парламентарни избори!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека поранешниот политичар и бизнисмен Љупчо Палевски-Палчо, главен осомничен за киднапирањето и убиството на пензионерот Панче Жежовски и малолетната Вања Ѓорчевска, чека екстрадиција од турскиот град Баликесир, неговата политичка партија „Десна“ непречено дејствува на политичката сцена, па дури се подготвува и за изборен настап.

Како политичка партија, „Десна“ се основа во периодот на преминот од 2022 кон 2023 година, кога практично се заокружува еден подолготраен процес на формирање на оваа структура околу Палевски и неговите соработници, почнат со неколку граѓански здруженија.

Уште на 7.8.2018 година формирано е здружение со назив „Трета Република“, каде што Палевски се јавува како овластено лице и еден од основачите, заедно со Тони Дамчевски, Зоран Гешовски, Јованчо Палашовски и Благојче Наумовски. Во тој период, Палчо во јавноста настапува како лидер на „Движење Трета“, а неговиот јутјуб-канал каде што се емитуваше поткастот „Крш муабети“ беше „Трета политика“.

Првично, од „Трета“ најавуваа дека ќе прераснат во етнички чиста партија на Македонците, бидејќи Албанците имале веќе неколку, а македонските партии, според нив, биле секогаш со мешан етнички состав. Паралелно, структурата на „Трета“ имаше блиска соработка со „Глас за Македонија“ на Солза Грчева, но, сепак, никогаш ниту стана посебна партија, ниту се фузираше во друга.

Она што се случи во меѓувреме е тоа што се формираше уште едно здружение на граѓани каде што присутен е Палевски заедно со повеќе истомисленици, меѓу кои може да се сретнат и соучесници и помагачи во трагичниот настан. Станува збор за здружението „Десна Република“, кое е основано на 3.12.2021 година.

И во овој правен субјект, Палевски се јавува како овластено лице, додека на листата на основачи, покрај него влегуваат и Кире Миров, Љупчо Јовановски, Илчо Јончевски, Стефан Димковски, Мите Митовски, Велибор Манев, Валентина Велкова, Борче Миров, Влатко Кешишев, Кристијан Плотников, Ѓорге Лисичков, Златко Јордановски и Борче Вељановски.

Имено, споменатите Велибор Манев и Влатко Кешишев, заедно со уште едно лице што гравитира околу „Десна“ – Боре Видевски, учествувале во киднапирањето на Жежовски и Ѓорчевска. Токму во нивните искази Палевски е посочен како главен организатор на криминалната група што ги извршила киднапирањата, но, според нив, тој бил егзекуторот што го повлекол чкрапалото.

Освен нив, од основачите на здружението „Десна“, за издвојување е и Стефан Димовски, кој одреден период беше во притвор поради тоа што го превезувал Палчо од Србија, преку Бугарија до Турција, каде што по наша потерница е фатен од страна на турската полиција. За потсетување, Палчо имал превоз и до Белград, каде го однел адвокатот Васко Стојков.

Што се однесува до останатите основачи, треба да се истакне и името на Љупчо Јовановски, од причина што подоцна тој се јавува и како овластено лице за материјално-финансиско работење на партијата „Десна“, чиј прв претседател е Палевски. Што говорат официјалните податоци?

Политичката партија „Десна“ се формира на 5.1.2023, откако претходно ја минува законски пропишаната процедура за регистрација. „Фокус“ изврши увид во регистарската влошка на партијата, која впрочем е регистрирана во Централниот регистар, врз основа на решение донесено од надлежниот скопски граѓански суд на 12.12.2022 година.

Истиот ден, Основниот суд-Скопје 2 носи правосилно решение за политичка партија „Десна“ со седиште на улица Димо Хаџи Димов број 8, Кисела Вода. Притоа, во решението, меѓу другото, стои дека лицето што ќе ја застапува партијата и ќе биде нејзин претседател е Палевски, врз основа на одлука оверена од две лица, меѓу кои и споменатиот Влатко Кешишев, еден од 4-рицата осомничени за двојното убиство.

За правните потреби, Палчо ѝ потпишал полномошно на адвокатката Рената Миладиновска, која до надлежниот суд поднела барање за упис на партијата во судскиот регистар на 25.11.2022 година. Патем, биле приложени и повеќе документи: записник од основачко собрание, одлука и акт за основање, листа со основачи, одлука за избор на претседател, лице за финансиско работење, членови на Централен и Надзорен комитет, одлука за донесување статут и програма.

„Од целосниот предлог на писмените докази, судот утврди дека поднесени се 1.037 потписи на основачи за основање на партијата заверени кај нотар, од кои уредни се 1.037 и истите имаат регулирани државјански статус, со што е за доволен законскиот минимум од 1.000 основачи-полнолетни граѓани, државјани на РСМ“, стои во решението на скопскиот граѓански суд.

Во него уште се наведува дека Статутот и Програма на „Десна“ биле во согласност со Уставот и Законот за политички партии, додека името и ознаките на новоформирана партија се разликувале од името и ознаките на дотогаш регистрираните партии и воедно не содржат домашни или странски државни ознаки. Оттука, судот заклучил дека се „исполнети сите законски претпоставки за регистрирање на политичката партија“.

Имајќи предвид дека власта и опозицијата си испорачаа обвинувања дека тие стојат зад формирањето на „Десна“, одлучивме да го побараме списокот со над илјада основачи, со цел да провериме дали таму може да се најде некое, условно кажано, познато лице. Воедно, побаравме податоци за членовите на сите партиски тела (извршен комитет, централен комитет, надзорен комитет, собрание), бидејќи тие не се јавно објавени.

Врз основа на повеќе документи, вклучително и список со основачи и членови на партиски тела, граѓанскиот суд донел решение со кое „Десна“ е регистрирана како политичка партија со својство на правно лице. Сепак, од судот не известија дека како информација ја даваат само вкупната бројка на доставени потписи при регистрацијата на политичката партија, но не и имињата на лицата кои ги дале своите потписи. И од „Десна“ нѐ информираа дека не се во состојба да ни ги достават информациите.

„Од причина што „Десна“ е трн во окото на сите антимакедонски елементи, односно поради фактот дека Основниот кривичен суд, на барање на „Десна“ од 14.2.2024 година не дозволува пристап до партиската документација, со образложение дека таа документација е предмет на истрага, раководството не е во состојба да ви ги даде бараните податоци за 1.037 основачи на партијата, како и за членовите на органите и телата на партијата“, велат од таму.

Инаку, во Статутот на „Десна“ со кој располагаме, пишува дека се работи за „самостојна политичка партија на слободни и одговорни луѓе“, кои дејствуваат во насока на исполнување на повеќе цели начела. Меѓу нив се развивање на македонизмот, целосно почитување на Македонецот, негување на културните вредности и историските придобивки на Македонците итн.

Понатаму, во делот на целите и начелата стои и „натамошна изградба на државата како суверена, демократска и правна држава на македонскиот народ“, „развивање на пазарно стопанство кое ќе обезбедува одржлив раст и работни места“, при што приоритет во економските политики ќе биде „заштита на националните интереси, заштита на сите правни лица од непринципиелните глобални економски политики“

На „интересен“ начин е дефинирана стратешката цел за зачленување во ЕУ, за што „Десна“ нема против, но потенцира дека тоа треба да се прави „исклучиво со почитување на идентитетот, историјата и јазикот на македонскиот народ“, а „примената на европските вредности да биде исклучиво во корист и интерес на македонскиот народ“. Згора на тоа, се наведува и дека потребно е „адаптирање на современите законски решенија за потребите на Македонците“.

„Во остварување на политичките начела и цели, „Десна“ се користи со сите средства познати на денешната цивилизација. Борбата како начин за одбрана на македонскиот народ и македонизмот е легитимна и задолжителна“, гласи Членот 3 од Статутот потпишан од Палевски, што го покренува прашањето какви се средства и се познати на денешната цивилизација и што значи прокламираната легитимна борба?

Согласно Законот за политички партии, еден од основите за дерегистрација или бришење на политичка партија е доколку партискиот статут или програма се спротивни на Уставот, чии темелни вредности се слободното изразување на националната припадност, владеењето на правото, поделбата на државната власт, политички плурализам, правна заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото…

Дали статутарните и програмските начела на „Десна“ за законски решенија во „интерес на Македонците“, за заштита на домашни фирми од „глобални економски политики“ и други се во согласност со уставните начела, треба да оцени Уставниот суд, чија претседателка Добрила Кацарска, неодамна рече дека досега нема поднесено таква иницијатива. Ваква иницијатива, како што не информираа од судот, се уште не е поднесена.

Исто така, една политичка партија згаснува и врз основа на правосилно решение за бришење од Судскиот регистар, донесено од Судот. Затоа, се обративме до скопскиот граѓански суд, од каде исто така ни одговорија дека до моментов во овој суд не е поднесена иницијатива за бришење на политичката партија „Десна“ од Регистерот на политички партии.

Де факто и де јуре се работи за антимакедонска партија која претставува класично злосторничко здружување чии членови, не само што починија грозоморно убиство на чело со претседателот на партијата, туку и во изминатиот период учествуваа заедно со другите опозициски партии во организирањето на најголемите нереди – рече експремиерот Димитар Ковачевски, придружувајќи се на ставот на Оливер Спасовски дека „криминалното дувло на Палчо мора да се разбие“, а „Десна“ да се дерегистрира“.

Сепак, „Десна“ очигледно не планира да крене бело знаме и да се самораспушти, туку напротив. По притворувањето на Палевски, партијата избра нов в.д. претседател, па дури најавува и изборен настап. Откако членот на Надзорниот комитет, Зорица Цветковска не успеа да собере потписи за претседателска кандидатура, новиот лидер на „Десна“ најавува настап на парламентарните избори.

– „Десна“ ќе учествува на парламентарните избори. За тоа дали ќе поднесеме листи на сите изборни единици или не, зависи од одлуките на органите и телата на „Десна“, како и од тешкотиите што ги создава ДИК – вели Тони Алексовски, наследник Палевски на челната позиција на „Десна“, додавајќи дека во тек се и преговори за коалицирање во една или во две изборни единици.

Инаку, тој стана прв човек на „Десна“ на почетокот на годинава, откако скопскиот граѓански суд на 15.1.2024 година носи решение со кое се уважува барањето за промена на овластено лице, па на местото на Палевски доаѓа Алексовски од Куманово. Од друга страна, пак, надлежниот суд го одбива барањето за промена на седиштето на партијата, како и на лицето задолжено за материјално-техничко работење – Љупчо Јовановски.

Во образложението на судското решение се наведува дека првично на 18.12.2023 година добиле барање за промена на претседател, седиште и т.н. финансиски директор. Но, судот оценил дека барањето е неуредно и побарал барателот да го уреди. Така, ново барање било донесено на 10.1.2024 година, на кое било одговорено делумно позитивно.

Во прилог на барањето бил доставен записник од Централен комитет со список на присутни членови, одлука за избор на в.д. претседател, како и одлука со која се става во мирување членството и функцијата на претседателот Палевски, како и на другите тројца осомничени за тешкото кривично дело – Манев, Видевски и Кешишев.

Арно ама, меѓу „замрзнатите“ партиски активисти биле и адвокатот Стојанов и бизнисменот Димовски, кои го одвеле Палевски до Белград, а потоа и до Баликесир, не знаејќи дека, како што тврдат, е инволвиран во двојно убиство. Но, има уште неколку членови се ставаат на стенд бај, меѓу кои Кристијан Плотников, веќе споменат како основач на здружението „Десна Република“, како и членот Кирил Дреновски и претседавачот на ЦК Ѓорѓи Џолев.

Така, судот донел решение со кое Алексовски го впишал за в.д. претседател на „Десна“ наместо Палевски, но го одбил барање за промена на седиште и финансиски директор, со објаснување во поткрепа на барањето не биле доставени записник од седница на која се предложени или донесени уредни одлуки за промена на седиште и лице задолжено за партиската каса.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости