Усвоени се 63 политики и мерки што треба да ги исполниме за остварување на амбицијата во однос на Парискиот договор. Во однос на аерозагадувањето, го усвоивме дополнетиот закон за квалитет на амбиентниот воздух при што дефиниравме мерки за локалната самоуправа, кои треба да ги преземе во случаи на пикови на загадувањето. Сепак, верувам дека на сите ни е јасно дека додека не го смениме начинот на загревање на јавните и приватните згради и домови, што се надеваме дека ќе го постигнеме со изградбата на гасоводната мрежа и поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност дадена од страна на централната и локалната власт, нема да имаме долгорочно решение на овој проблем, нагласи во интервјуто за МИА министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Со него зборуваме за препораките од Европската комисија, големите чекори што ги презема Министерството за животна средина и просторно планирање во текот на изминатата година со цел зачувување на животната средина, за дел од идните предизвици, како и за средствата што се наменети за решавање на проблемите во таа област, при што министерот истакна дека управувањето на животната средина, енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија, гасификацијата и ред други активности со кои долгорочно влијаеме на зачувување на животната средина бараат големи инвестиции, а Министерството и Владата се трудат да ги обезбедат.