Метро станица во Брисел, Белгија е именувана според легендарната кралица на Ромската песна, Есма Реџепова. Одлуката доаѓа со цел да им се оддаде почит на жените кои придонеле во обликувањето на историјата на Европа, пренесуваат белгиските медиуми.
Дури 69 станици во бриселското метро добиле нови имиња, според влијателни жени од светот на политиката, науката, економијата, уметноста и спортот. Покрај Есма, метро станици се именувани и во чест на Роза Луксембург, Ангела Меркел, Марија Кири, Маргарет Тачер, Одри Хепберн, Коко Шанел…
-Ја редизајниравме мапата на метрото во Брисел, со цел да им оддадеме почит на овие жени, кои ја обликуваа Европската историја. Само две станици во Брисел беа именувани според жени, кога се улиците во прашање, дури 14 пати повеќе се сретнуваат имиња на мажи, отколку на жени, а во Париз само четири од вкупно 302 метро станици се именувани според жени – велат од здружението ,,Пријатели на Европа” кои стојат зад проектот.
Музичарот Симеон Атанасов, кој е едно од децата кои ги одгледа Реџепова, и кој до крајот на нејзиниот живот и беше менаџер, вели дека е почестен од овој гест. Сепак, потенцира дека е истовремено и разочаран, бидејќи дочекал Есма да добие метро станица во нејзина чест во странство, но во родната земја повеќе од четири години не може да се реши случајот со нејзината куќа, која таа во тестамент и ја остави на Владата, со аманет да биде музеј.
-Додека власта се мисли дали да прифати да биде наследник на тестаментот на Есма и Стево, Брисел донесе одлука во чест на Есма да се именува метро станица. Куќата се распадна, конкретни чекори од надлежните служби нема. Дали ние традиционално, не знаеме да го цениме тоа што го имаме? Целиот свет знае за големината на делото на Есма, а ние треба да се убедуваме дека нејзиното наследство треба да се заштити како културно богатство, оставено за идните генерации – вели Атанасов.
Вики Клинчарова