Да се слушне гласот на народот, кои изведувачи би сакале да ги слушате на Велешка питијада 2024? – гласи прашањето објавено на страницата Питијада Велес 2024, на социјалната мрежа Фејсбук.
На листата со понудени изведувачи, на првото место е Аца Лукас, потоа следуваат Теа Таировиќ, Некст Тајм, Здравко Чолиќ, Цеца, Карлеуша, Александра Пријовиќ, Десингерица, Северина, Сека Алексиќ, Каролина и дваесеттина други.
Според одговорите на граѓаните, Аца Лукас, Цеца и Дино Мерлин се помеѓу најпопуларните, додека пак најмалку гласови имаат Карлеуша, Десингерица и Сека Алексиќ.
Во пресрет на општинската манифестација Велешка Питијада, која ќе се одржи од 11-ти до 13-ти октовмри, додека јавноста дава свои гласови за пејачите кои би сакала да ги слуша на настанот, велешкиот градоначалник Марко Колев за ,,Фокус” вели дека се работи за лажна страница, која нема никаква поврзаност со Општина Велес, и која веќе била пријавена кај надлежните служби.
Порача граѓаните да не наседнуваат на лажни страници и анкети, бидејќи програмата за питијадата била речиси финализирана, а изведувачите веќе биле избрани.
-Неколку години по ред на лажна страница се прават анкети за Велешка питијада, и истата е пријавена кај надлежните служби.
Јас како градоначалник на Велес не би ги предложил Аца Лукас и голем број од другите предложени изведувачи, односно додека сум на оваа функција, Лукас нема да пее на општинска манифестација платена со буџетски пари.
Веќе се познати музичарите кои ќе настапат годинава, ќе имаме домашни, но и две регионални ѕвезди, кои ќе бидат соопштени на прес конференција неколку недели пред настанот, кога се ќе биде формализирано.
Не би откривал детали се уште, но не се работи за турбо фолк или кич музика. Како општина, сакаме на настанот да понудиме квалитетна музика за сите вкусови и затоа внимаваме при изборот на музичките гости, вели градоначалникот.
Додека Велес се подготвува за општинската манифестација, во повеќе градови се одржуваат забавни настани, во организација на општините, платени од буџет и спонзори, а на кои музички ѕвезди се пејачи од регионот.
На настаните се вртат имињата на Северина, Црвена Јабука, Хари Мата Хари, Ацо Пејовиќ, Јелена Розга, Даниела Мартиновиќ, Петар Грашо и други.
Редовни се настапите и во клубови на овие, но и други регионални музичари, кои секое лето во Македонија одржуваат бројни концерти.
Вики Клинчарова