Додека имало претрес кај братот на Палчо некој од неговиот телефон свртел на Вања

by fokus

На денешното рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведочеа двајца полициски инспектори кои биле присутни за време на претресот кој што се случил во домот на братот на обвинетиот Љупчо Палевски- Палчо, во селото Глуво.

Сведоците посочија дека при претресот бил одземени еден лаптоп, таблет и мобилен телефон.

На прашање на обвинителката дали инспекторот забележал дали некој од присутните во куќата токму тогаш звонел на телефонот на девојчето Вања, инспекторот рече дека тој и неговите колеги не забележале дека некој од присутните остварил телефонски повик. Претресот бил извршен на 3 декември минатата година, поточно кога беа пронајдени телата на Вања и Панче.

-Никој не вртел на телефонот на Вања. Не е забележано такво нешто од наша страна, рече сведокот, кој појасни дека телефоните на присутните во домот им биле достапни за увид.

Од дополнителните прашања од одбраната се сфати дека ваков телефонски повик бил извршен од телефонот на братот на Палевски, за што има трага од направените телефонски вештачења, но сведокот неколку пати повтори дека не забележале некој да се јавува. Тој појасни дека за истата околност за време на истрагата биле повикани во Обвинителството, но и таму го кажал истото. Забележале само дека братот на Палевски свртел на адвокат.

Истите одговори ги даде и другиот полициски инспектор.

Обвинетиот Палевски даде приговор на ваквото сведочење, потенцирајќи дека логично е полицијата да завртела на бројот на Вања, а неговиот брат не ни бил повикан од Обвинителатвото за да сведочи.

-Оштетеното дете за време на претресот е веќе пред пет дена убиено. Ниту мојот брат, ниту мојата мајка го знаеле број од оштетеното дете. Невозможно е да вртеле кога им биле одземени телефоните.
Се злоупотребува ова од Обвинителството, и не направија обид брат ми да го повикаат за сведок и да го прашаат зошто е вртено. Секој интелегентен човек знае дека полицијата завртела на бројот на детето за да случајно го најде нејзиниот телефон во близина, рече Палевски.

В.В.

Поврзани новости