Додека хипиците го чистеа Маврово, фатени битолчани кои реновирале дома, па комбе со отпад истуриле во Националниот парк Пелистер

by fokus

Четворица битолчани, најверојатно по реновирање во домот, наполниле цело комбе со градежен шут, стари гуми и друг отпад, и заминале да го истурат во Националниот парк Пелистер пред неколку дена. Биле затекнати од страна на чуварската служба од паркот, и чуварите повикале полиција.

На возрасните мажи кои го фрлале ѓубрето среде Националниот парк им било наложено истото да го соберат, а веста за настанот е објавена на страницата на НП Пелистер.

Од таму ги повикуваат граѓаните на совесност, да не ја уништуваат природата, бидејќи веќе биле направени неколку диви депонии во рамките на паркот.

Посебно во летниот период, кога голем број на граѓани реновираат во домовите, имале навика да го истурат градежниот шут на локации во паркот, уништувајќи ја природата.

Настанот со битолчаните се случува во период кога повеќе хипици од разни земји престојуваат во шатори во Националниот парк Маврово, покрај Мавровско Езеро, а дел од мештаните реагирале и барале истите да бидат дислоцирани, под образложение дека се плашат од пожари и дека наводно хипиците изведувале ритуали.

По повод реакциите, од НП Маврово за ,,Фокус” пред два дена истакнаа дека од страна на МВР и од службите во паркот не се регистрирани неправилности, туку пријатно биле изненадени бидејќи хипиците го исчистиле целиот отпад кој стоел таму со години, го собрале во вреќи кои ги оставиле покрај локалниот пат, за да можат комуналните служби лесно да го соберат.

ФОТО: НП Пелистер

Вики Клинчарова

Поврзани новости