Општините веќе го реализираат вториот повик, а бизнисот се уште ги чека парите од унгарскиот кредит преку комерцијалните банки за да ги искористи за инвестиции.
Парите легнаа на сметката на државата кон крајот на октомври, но поминаа три месеци додека се договорат сите детали, каматните стапки, критериумите и содржината на договорите за заем.
Парите лежат неискористени и иако имаме грејс период, каматата си тече за овие три месеци, а неа ќе ја платат граѓаните преку централниот буџет.
Парите од првиот кредит од Унгарската приватна експорт-импорт банка за износ од 500 милиони евра легнаа на трезорската но според последната најава на премиерот Христијан Мицкоски, компаниите може да се надеваат на кредит во вкупен износ од 250 милиони евра наменет за нив од февруари.
На следната владина седница треба да поминат договорите за трансфер на средствата до деловните банки и договорите за условите на комерцијалните банки до клиентите. Потоа ќе може македонската банка за обнова и развој да ги потпишува договорите со комерцијалните банки кои пак ќе може веднаш да ги понудат парите на стопанството.
На последната седница пак, Владата го смени ноемврискиот заклучок за намената на унгарскиот кредит за бизнисот и дозволи унгарските пари да се користат и за обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија, а не само за сопствените производствени капацитети.
Првично кредитната линија требаше да биде наменета за инвестиции во производство, опрема и погодни, потоа се додадоа и административни објекти на компаниите, како и изградба на трговски објекти. Премиерот Мицкоски во меѓувреме рече дека ќе се прошири намената на средствата од кредитот, но не прецизираше за што точно.
Според договорот меѓу Владата и банките, средствата што ќе се пласираат кај стопанството се со камата од 1,95 проценти. Кредитот од унгарската банка е земен со каматата од 3,25 проценти и ќе се враќа од буџетот, односно од народните пари. Највисоката сума за која можат да аплицираат фирмите е 10 милиони евра, но треба да имаат учество од 20 проценти.
Орце Костов