Евроинтеграции, ветинг, проверка на имотот на сите функционери, истрага за приватизацијата и почитување на етничкиот легитимитет на изборниот процес – ова се приоритетите на ДУИ кои денеска ги објави партискиот лидер Али Ахмети.
„Нашите приоритети вклучуваат евроинтеграци без никакво одлагање и без никакви двоумења како единствена алтернатива за нашата земја. Ветинг за сите политичари, судии, обвинители и носители на јавни функции, со меѓународен мониторинг. Верификација и контрола на имотот за сите носители на јавна функција во последните 33 години.
Истрага за процесот на приватизација и транзиција заедно со олигархијата создадена од тој процес. Почитување на етничкиот легитимитет на изборниот процес и меѓуетничкиот карактер на институциите во согласност со вољата на гласачите и заедниците“, напиша Ахмети на Фејсбук.
Воедно, тој ја повика коалицијата ВЛЕН да ја напушти Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, во која уште членува ЗНАМ, со цел, според лидерот на ДУИ, да се стави крај на „понижувањето на Албанците и другите етнички заедници“.
„За да го отстранат срамот од непочитување на волјата на Албанците на изборите, ВЛЕН нека се повлече од узурпацијата на институциите без легитимитет на гласачите, додека ние, повторувам, нема да станеме дел од Владата“, порача тој.
Но, додека лидерот на „интегративците“ ја повикува ВЛЕН да ја напушти Владата и со тоа практично да се раситни парламентарното мнозинство, таков процес започна во опозицискиот Европски фронт, кој е предводен токму од ДУИ и Ахмети.
Имено, во медиумите се појави информација дека Мендух Тачи го напуштил Европскиот фронт. Притоа, оваа информација ја потврдиле од неговата ДПА, без да дадат образложение за причините поради кои партискиот лидер се решил на ваков чекор. Единствено, од таму посочиле дека тој ќе остане во контакт со Ахмети.
–Партиите од Европскиот фронт не се споија идеолошки или за поголеми цели, туку за да опстанат на политичката сцена – изјави првиот вицепремиер Изет Меџити, коментирајќи ги информациите дека опозицискиот фронт предводен од ДУИ останал без лидерот на ДПА и воедно пратеник.
Поради тоа што Тачи се уште јавно не соопштил зошто одлучил да преземе ваков чекор, неофицијално се оперира со неколку можни причини. Еден од можните мотиви е поврзан со она за што јавно проговори Меџити од ВЛЕН, а тоа значи дека челникот на ДПА смета дека нема што да бара во Европскиот фронт откако не стана дел од власта, и барем засега нема реални изгледи дека тоа наскоро тоа ќе се случи.
Ако е така, тоа подразбира дека тој би сакал да премине во Владата, која со него би била поблиску до двотретинско мнозинство. Меѓутоа, според владини извори, засега нема никакви контакти меѓу него и ВЛЕН, ниту меѓу него и ВМРО-ДПМНЕ, чии членови, колку за потсетување, на Тачи му скандираа „војвода“ кога тој имаше плодна соработка со Никола Груевски.
Како втора можна и далеку поверојатна верзија за потегот на Тачи се споменува неговата нетрпеливост со Зијадин Села, кој добива големо значење во рамки на Фронтот. Порано, двајцата беа блиски соработници во ДПА, но меѓу нив изби конфликт, па Села го формираше Движењето за реформи во ДПА, кое потоа ја покрена коалицијата Алијанса за Албанците, по што таа се трансформираше во политичка партија.
Со текот на времето, Алијанса се афирмираше во втора политичка сила после ДУИ, додека ДПА стана маргинална партија. За тоа на какво ниво се односите меѓу Тачи и Села говори изјавата на Тачи кога требаше да се гласа реконструкција на Владата, откако Села се разиде со Арбен Таравари и мораше да се бираат нови министри од АА.
–Дојдов, но нема да гласам. Зијадин Села повеќе не заслужува да постои на политичката сцена. Тој е обичен криминалец и измамник – рече Тачи и додаде дека не го интересира ако власта нема мнозинство за гласањето. Сепак, подоцна двајцата предизборно се обединија во коалиција, односно во т.н. Европски фронт предводен од Ахмети.
Партиски извори наведуваат и трета потенцијална верзија, која се разликува од претходната. Според нив, Тачи игра игра во координација со Ахмети, со цел да покрене процес на дополнително ситнење на Фронтот, со тоа од него наводно би требало да отпаднат одредени „помали“ партнери и претставници на некои „помали“ заедници, бидејќи Фронтот требало да еволуира од мултиетнички во моноетнички.
Инаку, секогаш кога Мендух Тачи влече одредени потези на политичката сцена треба да се има во предвид и неговиот интерес што го има во тетовското акционерско друштво „Интерпромет“, каде мнозинскиот управувачки пакет го преземаа блиски луѓе на Тачи и ДПА. „Фокус“ своевремено пишуваше како луѓе на Тачи, во време кога ДПА е на власт, стекнувале државни акции во спорни постапки за багателни цени.
Влатко Стојановски