Корина Шумахер, сопруга на еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, Михаел Шумахер (53), вчера се појави во јавност, за прв пат по тешките обвинувања дека го лаже целиот свет околу состојбата на Михаел.
Обвинувањата на нејзина сметка дојдоа од страна на Вили Вебер, близок пријател и поранешен агент на возачот.
Тој јавно побара Корина да излезе со детали за состојбата на Шумахер, за кого светската јавност не знае речиси ништо од декември 2013 година, кога доживеа тешка несреќа на скијање на Алпите.
По индуцираната кома од која беше разбуден по шест месеци, за него единствено е познато дека е во тешка состојба, во кревет, а семејството одбива да открива детали околу тоа што му се случува.
Токму поради мистеријата, Вили Вебер јавно ја повика Корина да ја каже вистината која му ја должи на светот, но и на пријателите на Шумахер, кои буквално не знаат ништо за него цели девет години.
Сопругата на Шумахер вчера се појави во јавност по подолг период, со цел да прими признание кое му беше доделено на нејзиниот сопруг во Германија. Станува збор за државна награда за неговите хуманитарни ангажмани во минатото, а Корина дојде во придружба на ќерката Џина и Жан Тод, поранешен прв човек на Ферари за кого возеше Михаел.
Сепак, таа повторно вешто избегна да зборува за сопругот и да ги даде одговорите кои се бараат од неа.
Но, кога пред присутните се обрати Тод, кој рече дека Корина е силна жена и Шумахер има прекрасно семејство, таа започна да плаче.
-Добро е што Корина плаче, затоа што не е добро да се задржуваат солзите – кажа Жан Тод на церемонијата.
-Михаел ми недостига секојдневно, по несреќата. Се обидуваме да живееме како семејство, така како што тој сакаше, и се уште сака. Продолжуваме со нашите животи, изјави Корина пред неколку години.
Минатата година за Шумахер се објави документарен филм, кој јавноста долго го чекаше. Но, наместо да се откријат нови детали за состојбата на шампионот, неговата здравствена состојба не беше во фокусот, туку се зборуваше за детали од неговата кариера.
Вики Клинчарова