Со доаѓањето на власт на новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, а и новиот премиер на Македонија, Димитар Ковачевски се прават обиди за подобрување на атмосферата во преговорите меѓу двете држави.
За таа цел Македонија испрати нота до Обединетите нации во врска со краткото име на државата по што Бугарија го прифати и „Северна Македонија“, без „Република“. Ова во јавноста и во двете земји беше претставено како голем успех и напредок, иако суштински ништо не промени. Македонија и претходно имаше потпишано изјава дека нема територијални претензии кон своите соседи, нешто од што Бугарија „се плашеше“.
Потоа, беше пуштена и авионска линија на релација Скопје-Софија што бугарскиот премиер го карактеризираше како манифестација на добра волја.
Но, дали овие потези се навистина добра волја и намалување на разликите или пак, само шминка под која се кријат други намери?
Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика вели дека „новите“ активности во односите меѓу Македонија и Бугарија кои ги промовираа двајцата нови премиери се насочени кон подобра клима меѓу двете држави, но и кон создавање внатрешен маневарски политички простор за секој од нив.
Очигледно е дека тактиката е на виделина да бидат позитивните работи – соработката итн., а во позадина и подалеку од јавноста да се водат суштински преговори. Покрај тоа, за бугарската страна многу значајно е што со овој пристап го менуваат негативниот имиџ создаден кај државите членки на ЕУ и воопшто во меѓународната заедница, вели Ристевска-Јорданова.
Според неа, во суштина се работи сѐ уште за ултимативно поставени барања од бугарска страна, кои се далеку над нашите црвени линии.
Во македонската јавност се создаде целосно погрешно мислење дека со сегашниве „преговори“ би се дошло до некакво конечно решение, а се работи само за почеток на преговорите. За воопшто да има пристапен процес како европеизација на нашето општество, Бугарија треба да отстапи од едно од главните нејзини барања – а тоа е да ги диктира пристапните преговори со ЕУ преку внесување механизам за спроведувањето на билатералниот договор во Преговарачката рамка, смета Ристевска-Јорданова.
К.С.Б.