Лудило е и кога ја повторуваш истата работа и гласаш за оној кој те понижил, обезличил и кој не те смета за човек, а очекуваш дека ќе добиеш друг резултат, дека ќе прекине да те задолжува, понижува, разнебитува. Тогаш си стварно луд, но најтрагично е што истото лудило ќе продолжи и во новата година и во годините што следуваат, но тогаш наместо со добро утро ќе се поздравуваме со добра ноќ уште од сабајле.
Пишува: Звонко Давидовиќ
Добро утро Македонијо, земјо на чуда и барок, земјо на реплики и дуплики, книшки и суртуци, корупција и криминал, земјо на делби и поделби, партиска окупација на општеството, политиканство и интригантство.
Добро утро и тебе неодлучна и замолчана Македонијо што стоиш и ништо повеќе не те интересира, затоа што лудилото предолго трае и се е полошо и полошо.
Добро утро и тебе иселена Македонијо низ светот која го пиеш утринското кафе и се чудиш како може на друго место да има нормален и достоинствен живот, но не и во твојата земја.
Добро утро и тебе освестена Македонијо што секое утро се прашуваш има ли крај на лудилово.
Лудило е кога постојано ја повторуваш истата работа, а очекуваш поинаков резултат. Алберт Ајнштајн
Сите оние кои овие три децении продефилираа на политичката сцена и го сместија својот задник во функционерска фотеља од утре, како и секогаш кога се сведуваат сметки, на крајот на годината или пред избори, ќе ни ветуваат се и сешто, од утре ќе слушнеме колку добро и убаво ќе живееме од задутре.
Од утре ќе ни го ветат и небото кое ќе биде наше задутре, но само ако гласаме за нив. Ќе ни раскажуваат како изминатава година живеевме подобро од минатата, а следната ќе живееме подобро од оваа, тоа го прават веќе трисет години.
Истото го ветуваа и на изборите пред овие и на тие пред нив и на тие пред нив, сиве овие годинии, а државата се повеќе тонеше, a народот осиромашуваше и се полошо живееше.
За разлика од нив политичарите кои доаѓаа голи и боси, гладни за власт и пари, исфрустрирани и веќе корумпирани со една јасна цел и идеја, да ја подобрат својата благосостојба заминуваа од власта богати со преполни џебови украдени пари. Такви никакви беа одличен материјали кој може да се меси, гмечи, обликува и уценува за да стори се што од него ќе се побара, а бараа тајкуните, бизнисмените, соседите, странците…
КРАДЕА И СЕ БОГАТЕА НА ГРБОТ НА НАРОДОТ
И исполнуваа се што ќе се побара од нив, а за возврат беа недопирливи, крадеа и се богатеа на грбот на народот и заминуваа од функционерските богати фотељи, полни со себе и неказнето. Живееа како богови за време на својот мандат, поседуваа се и секого, а од функционерските фотељи заминуваа обезбедени за неколку генерации, а позади себе оставаат пустош и разнебитена држава.
И оваа година ветуваа се и сешто, и идната ќе ветат се само за да го задржат она што го добиле нечесно. Се изнаслушавме за судските реформи кои ниту почнале, ниту ќе почнат, а судството им е предмет на интерес само кога пресметката со политичките противници не успеала или кога треба на јавноста да и се замачкаат очи.
Школството претрпе неколку реформи, но резултатот кој го даде е катастрофален, неписмени ученици, кои учат од уште понепосмени учебници. Здравството се сведе на пари, па се лекува оној кој има пари во приватните здравствени установи кои енормно се збогатија, а народот кој нема пари може само да се моли на Господа за здравје.
Полицијата не може со месеци да открие кој се заканува со бомби по училиштата, ниту кој го управувал службеното возило, а не пак да се бори против високата корупција. Еден од власта пак заедно со Министерот за земјоделие ќе го пошумува езерото со пастрмка, друг предлага амбасадор без било какво искуство и знаење, трет предлага стручен соработник во судски совет. И се така од лудо полуди….
Лудило е и кога ја повторуваш истата работа и гласаш за оној кој те понижил, обезличил и кој не те смета за човек, а очекуваш дека ќе добиеш друг резултат, дека ќе прекине да те задолжува, понижува, разнебитува. Тогаш си стварно луд, но најтрагично е што истото лудило ќе продолжи и во новата година и во годините што следуваат, но тогаш наместо со добро утро ќе се поздравуваме со добра ноќ уште од сабајле.