До ВМРО-ДПМНЕ пристигнаа мноштво нови сведоштва, сознанија и документи кои најавуваат дека скандалот на Клиниката за Онкологија се случувал и во текот на 2023 година, односно со месеци и години откако јавноста била алармирана, што го прави уште помонструозен, велат од најголемата опозициска партија.
Порачуваат дека Анкетната Комисија во Собранието на виделина ги извади сите аспекти на грозоморниот скандал со клиниката.
-На оваа клиника најтешките пациенти се соочувале со хорор, недостаток на термини, недостаток на терапија, продажба на терапијата на црно, злоупотреби и низа на пропусти кои ги нотирале дури и ревизорските извештаи, стои во партиското соопштение.
Од „Белата палата“ ги обвинија МВР и Обвинителството со месеци молчеле и дозволиле десетици и стотици пациенти да бидат жртви.
-Всушност овие институции и веќе два месеци молчат, откако направија увид во клиниката, и после два месеци нема никаква реакција ниту поднесок. Веројатно во органите на прогонот во тек е операција „продолжниот кабел е виновен“ и за овој случај на Онкологија, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата која што беше формирана за случајот со Онкологија, ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите кои се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во оваа Клиника и целокупниот здравствен систем.
Анкетната комисија е формирана откако во јавноста беа објавени информации за злоупотреба на терапијата за пациенти болни од рак, за што истрага отвори и Јавното обвинителство.